• Мартин Танасковски
Екипата на Алкалоид официјално е новиот освојувач на ЕХФ Европскиот куп, откако Европската ракометна федерација (ЕХФ) утрово донесе одлука да му ја додели победата на македонскиот тим со службен резултат.
Одлуката следеше по неодиграното финале против грчкиот АЕК во Скопје, откако грчкиот клуб се повлече поради закани од страна на нивните навивачи и одлучи да не се појави на натпреварот.
Иако АЕК има право на жалба, тоа не може да влијае на резултатот од финалето – тој останува во корист на Алкалоид. Единствената можност за жалба се однесува на евентуалната казна што ќе ја добие клубот од страна на ЕХФ. Според информациите до кои дојдовме преку ЕХФ, постои голема веројатност АЕК да биде суспендиран од европските натпреварувања во следните две сезони.
Дефинитивно е дека клубот ќе се обиде да се спаси и преку официјални жалби да ја ублажи санкцијата на најмногу една година, но прашање е како ЕХФ ќе одговори на тоа, со оглед на тоа што клубот покажа голема непочит кон организацијата и тоа во европско финале. Одлуката за евентуална казна ќе ја носи Судот за спорт на ЕХФ.
АЕК направи неспортски потег со неизлегувањето на терен во Скопје кој веројатно и скапо ќе го чини раководството. Недоличен потег, за поранешен освојувач на Европскиот Куп на ЕХФ. Предвид за изрекувањето на казна се земени и инцидентите од четвртфиналниот меч со Партизан во Атина.
ФОТО/PHOTO: Eurohandball