Дурмиши: 400 евра минимална плата од март 2025

Според проценката на Министерството за економија, минималната плата од март 2025 година ќе биде 24 400 денари, односно 400 евра.

Висината на минималната плата во бруто износ секоја година се усогласува со 50% од порастот на просечната исплатена нето плата за претходната година и 50% од порастот на индексот на трошоците за живот, според податоците од ДЗС. Согласно овие параметри, нашата проценка е дека во март 2025 година, минималната плата би изнесувала околу 24 400 денари.

Синдикатот жестоко ја критикува оваа проценка на министерот - велат 24 400 денари не се доволни за достоинствен живот.

Синдикатот вели растот на цените е огромен и инсистираат да се смени формулата по која се пресметува минималната плата, а на Владата и препорачуваат да почне да ги спроведува колективните договори со цел паралелно да растат и останатите плати.

Министерот Дурмиши пак вели, да се спроведат барањата на синдикатите минималната плата да се зголемува по друг принцип, законот ќе треба да се менува.

„Одиме според овој закон кој е на сила, кој е донесен по огромни дебати помеѓу синдикатите и работодавачите. На крај тие се усогласија и го потпишаа. Ова е нивни закон - го поддржаа и синдикатите и работодавачите.“ - вели Дурмиши.

Од Синдикатот го покануваат Министерот Дурмиши на нова дискусија за Законот за минимална плата. Пред еден месец, министерот Дурмиши изјави дека тој ќе преговара на економско-социјалниот совет, минималната плата да е 450 евра.