Connect with us
no baners

Банки

ПроКредит Групацијата ја заокружи 2023 година со силни финансиски резултати

Објавено

на

ПроКредит Групацијата, главно активна во Југоисточна и Источна Европа, забележа одличен финансиски резултат од 113,4 милиони евра во 2023 година, што одговара на принос на капиталот од 12,2%. Оперативните приходи се зголемија за 21% на годишно ниво, како резултат на позитивните движења во сите редовни текови на приходи. Соодносот на трошоци и приходи се подобри за 4,1 процентни поени, на 59,9%.

Умерениот раст на кредитното портфолио од 1,9% во голема мера се должи на тековните намалувања на портфолиото во Украина. Депозитите забележаа добар раст од 965 милиони евра, или 15,3%, со значаен придонес од сегментот комерцијално банкарство. Врз основа на соодносот на CET1 од 14,3%, Управниот одбор има намера да предложи дивиденда од 0,64 евра по акција на Годишното генерално собрание на 4 јуни 2024 година.

Кредитното портфолио на Групацијата порасна за 119 милиони евра или за 1,9%. Депозитите пораснаа за значителни 965 милиони евра или за 15,3%, во кои физичките лица учествуваа со приближно 50%.

Значителен развој на приходите и зголемена трошковна ефикасност

Оперативните приходи на Групацијата се зголемија втора година по ред за повеќе од 20%, со раст од 72,7 милиони евра или 21,4% во споредба со 2022 година, на 412,5 милиони евра (2022 година: 339,8 милиони евра). Овој позитивен развој е поттикнат од повисоките нето-приходи од камати, нето-приходите од провизии и надоместоци и приходите од девизни трансакции. Сите банки на ПроКредит во Југоисточна и Источна Европа објавија позитивни резултати, при што повеќето покажаа значително подобрени или стабилно добри нивоа на профитабилност и на трошковна ефикасност во споредба со претходната година.

Нето-приходите од камати пораснаа за 72,6 милиони евра или за 27,4%, на 337,2 милиони евра (2022 година: 264,6 милиони евра). Нето-каматната маржа се зголеми за 53 базични поени, на 3,6%, како резултат на главно стабилните кредитни маржи и на повисоките клучни каматни стапки. Во четвртиот квартал, нето-каматната маржа изнесуваше 3,8%.

Со 57,5 милиони евра, нето-приходите од провизии и надоместоци се 5,1% над нивото забележано во претходната година (2022 година: 54,7 милиони евра). Особено позитивно се развиваа приходите од активностите со трансакции и картички. Другите нето оперативни приходи придонесоа 17,8 милиони евра во вкупниот резултат (2022 година: 20,5 милиони евра). Резултатот од девизните трансакции, што е вклучен во оваа ставка, бележи солиден пораст од 4,1 милиони евра или 17,2%.

Кадровските и административните расходи пораснаа за 29,6 милиони евра или 13,6%. Ова зголемување главно се должи на повисоките трошоци за персоналот, ИТ и за маркетинг. Соодносот на трошоци и приходи видливо се подобри за 4,1 процентни поени, на солидно ниво од 59,9% (2022 година: 64,0%).

Управниот одбор ги објави изгледите за финансиската 2024 година

Земајќи ги предвид солидните финансиски резултати во 2023 година, Управниот одбор очекува принос на капиталот од околу 10%-12% за 2024 година, врз основа на внимателна проценка до 40 базични поени за трошоците за ризик. Соодносот на трошоци и приходи се очекува да биде околу 63%, земајќи ги предвид зголемените инвестиции и претпоставувајќи благо намалена нето каматна маржа.

„Продолжуваме интензивно да инвестираме во однос на персоналот, ИТ и маркетингот, бидејќи сакаме видливо да го зголемиме нашиот отпечаток на нашите пазари во наредните години, со цел да постигнеме важни ефекти на скалирање, да ги зајакнеме маржите на двете страни од билансот на состојба и да го зајакнеме позитивното влијание што сакаме да го создадеме во општествата и во економиите во кои работиме“, истакна Хуберт Спехтенхаузер.

На среден рок, ПроКредит има за цел да го зголеми кредитното портфолио на Групацијата за над 10 милијарди евра. Се очекува среднорочниот принос на капиталот да се зголеми на ниво од приближно 13%-14%, со претпоставка за трошок за ризик од околу 30-35 базични поени. Соодносот на трошоците и приходите се очекува да биде приближно 57% (без еднократни ефекти).

Годишниот извештај на ПроКредит групацијата за 2023 година и Извештајот за одржливост за 2023 година од денес се достапни во делот Односи со инвеститори на веб страницата на ПроКредит Холдинг на https://www.procredit-holding.com/investor-relations/reports-and-publications/financial-reports/ и https://www.procredit-holding.com/investor-relations/reports-and-publications/non-financial-reports/.

Пакетот на Извештајот за одржливост се состои од два дела. Самиот Извештај за одржливост дава детален преглед на стратегијата за одржливост на ПроКредит Холдинг, како и на неговите перформанси за одржливост, иницијативи и цели за иднината. Освен тоа, во нејзиниот Годишен извештај, Групацијата доброволно ги открива своите стратегии, планови и методологии во контекст на два стандарди специфични за темата, ESRS E1 „Климатски промени“ и ESRS S1 „Сопствена работна сила“, во согласност со начелата на Меѓународната рамка за интегрирано известување.

Банки

Соработка за економски напредок: Средба меѓу гувернерот на Народната банка и претседателот на Стопанската комора

Објавено

на

Во духот на заедничката определба за поттикнување на економскиот развој и за зајакнување на институционалната соработка, во Народната банка денес се одржа средба меѓу гувернерот Трајко Славески и претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески.

На средбата беше нагласена важноста на постојаниот дијалог помеѓу носителите на економската политика и бизнис-заедницата, особено во контекст на актуелните светски и регионални економски предизвици. Претседателот Азески истакна дека Комората е подготвена за понатамошна активна соработка со Народната банка, изразувајќи поддршка за професионалноста и кредибилитетот што гувернерот Славески ги носи на оваа позиција.

Во разговорот беа отворени теми поврзани со монетарната политика, финансиската стабилност, пристапот до финансии за стопанството, како и улогата на Народната банка во создавањето поволно деловно опкружување. Двете страни се согласија дека со заемна отвореност и координација може да се придонесе за поефикасно исполнување на стратегиските економски цели на земјата.

Гувернерот Славески ја истакна заложбата на Народната банка за транспарентност, предвидливост и поддршка на стабилноста, како предуслов за одржлив раст. Тој упати благодарност за поддршката и изрази задоволство од иницијативите на Комората за продлабочување на комуникацијата со институциите од финансискиот сектор.

Средбата заврши во конструктивен дух, со договор за засилување на соработката преку редовни консултации и размена на анализи и мислења од заеднички интерес.

Продолжи со читање

Банки

Гувернерот Славески за МИА: Стабилноста на денарот останува цврста определба, банкарскиот систем е стабилен

Објавено

на

„Стабилноста на денарот нема и не смее да се доведе во прашање. Тоа е одамна затворено прашање“, порача гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, во интервју за Македонската информативна агенција (МИА), потенцирајќи дека фиксниот девизен курс и натаму ќе биде цврста основа на макроекономската стабилност во земјата.

Гувернерот истакна дека режимот на девизен курс којшто го практикува земјава е поддржан од сите досегашни влади, деловната заедница, експертската јавност и меѓународните институции. „Не само што нема дилеми, туку и не слушаме повеќе повици или навестувања за промена на курсот, што претходно знаеја да се појават. Фиксниот девизен курс добро ѝ служи на македонската економија. Свесни сме дека каква било интервенција во паритетот на националната валута во однос на еврото би предизвикала значителна штета, без речиси никаква корист, со оглед на високиот степен на отвореност на македонската економија“, рече Славески.

Славески ги повика граѓаните и бизнисите на спокојство, уверувајќи дека нивните заштеди и планови се сигурни во стабилен и предвидлив финансиски систем. „Народната банка ќе обезбеди стабилен курс и стабилно финансиско окружување за реалниот сектор. Работиме во тесна координација со Министерството за финансии и со сите релевантни институции“, рече тој.

Дополнително, гувернерот потенцира дека финансиската стабилност и сигурноста на заштедите се поддржани и од силниот банкарски систем и супервизорските капацитети на Народната банка. „Имаме здрав банкарски систем, со високо ниво на капитализираност, над меѓународните стандарди“, рече гувернерот.

Во интервјуто беше подвлечено и дека Народната банка ужива висок кредибилитет кај меѓународните финансиски институции и дека таа соработка ќе продолжи и понатаму, со визија да се зачува независноста, да се зајакнуваат институционалните капацитети и да се обезбеди долгорочна стабилност.

На крајот, тој ја потенцираше визијата за зајакнување на институционалната независност и инвестирање во човечкиот капацитет како клучна основа за долгорочна стабилност и развој.

Продолжи со читање

Банки

Величковски од Народната банка: Финтек-решенијата носат промени во дигиталните плаќања и отвораат нови можности за трговците и граѓаните

Објавено

на

Новата правна рамка за платните системи во земјава создаде основа за зајакнување на конкуренцијата во платежната индустрија и намалување на трошоците за прифаќање дигитални плаќања во малопродажбата. Во своето излагање на конференцијата во организација на „Блумберг Адрија“, директорот на Секторот за операции на финансиските пазари и платни системи при Народната банка, Игор Величковски, посочи дека во 2024 година просечниот надоместок што трговците го плаќаат за прифаќање картички изнесува 1,1%, забележувајќи намалување од 0,1 п.п. во однос на 2018 година, од кога Народната банка објавува податоци за овој вид надоместоци, при што намалувањето кај одредени сектори е поизразено достигнувајќи 0.7 п.п. Во истиот период, бројот на трговци коишто прифаќаат дигитални плаќања на продажните места е зголемен за 36% и достигна 16,4 илјади трговци. 

Правната рамка веќе отвори простор за појава на нови учесници – платежни институции и институции за електронски пари, коишто нудат алтернативи за граѓаните и трговците. Се очекува дека дел од овие институции наскоро ќе понудат иновативни решенија во земјава, во согласност со светските трендови во финтек-секторот.

Во контекст на очекувањата за следните 3 до 5 години, Величковски истакна дека финтек-решенијата ќе извршат голема промена.

„Се очекува дека финтек-компаниите ќе понудат дигитални паричници, коишто ќе овозможат побрзи и поевтини трансакции, нови начини на иницирање плаќања преку кодови за брз одговор (QR кодови) и опции за прифаќање плаќања без потреба од традиционалните ПОС-уреди. Овие решенија ќе им овозможат и на малите продавници да влезат во дигиталниот простор, а потрошувачите и компаниите ќе имаат подобра контрола врз своите финансии“, рече Величковски.

Тој додаде дека новите решенија, поддржани од концептот на отворено банкарство којшто треба да се примени најдоцна до март 2026 година, ќе придонесат за повеќе иновации и поефикасна малопродажба, приспособена кон дигиталните навики на потрошувачите. Истовремено, трендот на дигитализација на плаќањата ќе биде зајакнат со вклучувањето на банките во платежните шеми во СЕПА од 6 октомври 2025 година, што ќе донесе побрзи, побезбедни и поевтини прекугранични плаќања во евра за граѓаните и компаниите.

Продолжи со читање

Популарно