Македонија
МОН: Стручното образование е силна страна на македонскиот образовен систем, креира квалитетен и побаруван кадар на пазарот на трудот

„Во средните стручни училишта во Македонија успешно функционира концептот на дуално образование во чија реализација е вклучена и бизнис заедницата. Училиштата и компаниите заедно содаваат квалитетен кадар кој полесно може да се снајде на пазарот на трудот. Затоа, развојот и проширувањето на овој концепт ќе биде наш приоритет и во следниот период“.
Ова го истакна државниот секретар во Министерството за образование и наука, Елена Ивановска на панел дискусија „Достапност на квалификувана работна сила: предизвик и стратешки фактор за инвестициски одлуки и економски раст“, организирана во рамки на Првиот македонско – германско бизнис самит, со кој АХК германската стопанска комора во Македонија одбележува 25 години постоење.
Ивановска рече дека од самиот почеток на мандатот, новото раководство во МОН се заложи за унапредување на законската регулатива, бидејќи таа е основ за спроведување на образовните политики, новите мерки и активности со кои ќе се остварат целите од владината програма за градење на поквалитетен образовен систем.
„Во новиот Закон за стручно образование и обука системски се уреди концептот на дуално образование, се прецизираа обврските на сите учесници во реализацијата. На пример се дефинираше кој и како може да стане ментор на учениците, компаниите да им исплаќаат месечен надомест на практикантите, да им овозможат заштита и безбедност при работа и така натаму. Со Законот за средно образование пак, се предвиде поголема поддршка за талентираните ученици, се воведуваат кариерни советници што ќе ги насочуваат учениците и сето ова е во интерес на создавање на потребната квалификувана работна сила“, рече Ивановска.
Осврнувајќи се на регионалните центри за стручно образование и обука рече дека тоа се всушност средни стручни училишта кои се трансформираат во образовни установи со поголема вредност и повеќе функции, обврски и одговорност.
„Таму не само што се реализира средно стручно образование за ученици, туку идејата е да се реализира и образование и обука на повозрасни кои имаат потреба од доквалификација, преквалификација и слично, за да станат конкурентни на пазарот на трудот. Фреквентноста на луѓе ќе биде многу поголема. Центрите ќе прават и анализи на пазарот на трудот, ќе креираат програми за настава и обука и така натаму“, рече Ивановска, додавајќи дека во моментов се формирани 7 регионални центри, а до 2028 година ќе се формира осмиот и последен, што како обврска е предвидено во Реформската агенда.
Државниот секретар информираше дека во регионалните центри се вложуваат големи износи на средства за да има добри училници, опремени кабинети, работилници и соодветни сместувачки капацитети. Средствата во најголем дел ги обезбедува Европската унија, а Ивановска ја повика и бизнис заедицата да помогне во модернизацијата на инфраструктурата, затоа што, како што рече, училиштата се инкубатори на човечки капитал кој и нив им е потребен.
На панел дискусијата модерирана од Дејан Чуповски, раководител на програмата за дуално образование при АХК германската комора, се обратија и програмската директорка на Источниот комитет на германското стопанство, директорот на средно стручно училиште „Св. Наум Охридски“ во Охрид, Сашо Недески, раководителката на одделот за глобална техничка и комерцијална обука во компанијата Дрекслмаер, Барбара Гербер и управниот директор на компанијата Унија Груп, Бранислав Серафимоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сончево и топло време, попладне нестабилно со локален пороен дожд и грмежи

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Попладне ќе има развој на нестабилна облачност со локален пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 18, а максималната ќе достигне од 28 до 35 степени.
Во Скопје сончево и топло со мала до умерена облачност. Попладне во повисоките делови од котлината ќе има услови за краткотраен пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 35 степени.
Времето во наредните денови
До петок времето ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Во попладневните часови ќе има развој на нестабилна облачност со локален пороен дожд и грмежи. Наместа процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со засилен ветер и изолирана појава на град, особено в петок. Во деновите од викендот и в понеделник времето ќе биде стабилно и малку посвежо со умерен, повремено засилен северен ветер.
Македонија
Уште еден случај на семејно насилно – скопјанец со возило се обидел да ја прегази сопругата, па ја истепал

Уште еден случај на семејно насилство во Скопје, сопруг се обидел да ја прегази сопругата со автомобил, кога не успеал, ја истепал.
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице за кривично дело – Телесна повреда.
„При вршење семејно насилство осомничениот 41-годишник телесно ја повредил неговата сопруга. Најпрво, во алкохолизирана состојба, ја натерал веднаш да одат и од банкомат да извадат пари од нејзината плата за да купи дрога. Оштетената го послушала, но враќајќи се назад кон нивниот дом, тој започнал вербална расправија, го запрел возилото и и кажал да излезе. Откако излегла, започнал да го врти возилото со намера да ја удри.
Бидејќи не успеал, го запрел возилото, тргнал кон оштетената по што и го одзел мобилниот телефон за да провери со кого разговарала. Во еден момент и физички ја нападнал, удирајќи и шлаканица и нанесувајќи и удари во пределот на лицето и вратот, од кои удари оштетената се здобила со телесни повреди изразени во вид на нагмечувања на лицето, на вратот и на раката“, соопшти Обвинителството.
Ценејќи ги сите околности, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка предложи да определи мерка на претпазливост – забрана за осомничениот да се приближува или воспоставува, односно одржува контакти или врски со жртвата.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ со една реченица одговара на честитката од Заев до Ципрас: Она со кое паметниот се срами, недоветниот се гордее

ВМРО-ДПМНЕ му одговара на честитката на Заев до Ципрас по повод Преспанскиот договор во една реченица.
„Зоран Заев упати честитка до Алексис Ципрас по повод седумгодишнината од Преспанскиот договор. Одговорот е само еден: она од кое паметниот се срами, недоветниот се гордее“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Заев му честиташе на Ципрас за седумгодишнината од договорот потпишан на 17 јуни 2018 година во Преспа, кој овозможи членство на Северна Македонија во НАТО.
Договорот го потпишаа тогашните министри за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, во присуство на тогашните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас, посредникот во преговорите, Метју Нимиц, поранешниот еврокомесар за проширување, Јоханес Хан, поранешната висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, и други високи меѓународни претставници, како и претставници на двете земји.