
По веста за царинскиот договор меѓу САД и Кина, американскиот долар зајакна, а светските берзи закрепнуваат.
САД и Кина се согласија за привремено намалување на реципрочните царини, според кои САД ќе ги намалат дополнителните царини што ги воведоа за увозот од Кина во април од 145 на 30 отсто, додека давачките за увоз од САД во Кина ќе се намалат од 125 на 10 проценти. Новите мерки ќе важат 90 дена. По таа вест, доларот зајакна во однос на другите шесте главни светски валути, а берзите почнаа да закрепнуваат.
Акциите на европските компании кои беа силно погодени од ескалацијата на трговскиот конфликт закрепнаа во понеделникот. Најголем добитник во Европа е „Maersk“, чии акции скокнаа за повеќе од 12 отсто по објавувањето на договорот. Минатата седмица оваа данска бродарска компанија предупреди дека контејнерскиот сообраќај меѓу двете најголеми економии во светот остро се намалил поради трговската војна.
Акциите на производителот на луксузни стоки LVMH и на „Kering“, сопственик на модната марка „Gucci“, скокнаа за 7,4 и 6,7 отсто, соодветно.
Преговорите ги зголемија надежите кај инвеститорите дека сепак нема да се случи глобална рецесија, што го поттикна растот на терминските (фјучерс) договорите на њујоршки Волстрит.
Царинскиот конфликт доведе до застој од речиси 600 милијарди долари во трговијата меѓу САД и Кина, предизвикувајќи нарушувања во синџирите на снабдување, зголемувајќи загриженост за стагнација на инфлацијата и доведувајќи до губење на работни места.
Американскиот претседател Доналд Трамп ги опиша разговорите како позитивни дури и пред да завршат, велејќи дека двете страни се согласиле за „целосно нови услови… на пријателски, но конструктивен начин“.
Изјавите од кинескиот вицепремиер Хе Лифенг не беа толку експлицитни, но тој исто така го поздрави „значајниот напредок“ постигнат за време на преговорите.
Исходот од кинеско-американските разговори помогна во смирувањето на загриженоста за забавување на економската активност, што беше предизвикано минатиот месец од заострувањето на царините од страна на американскиот претседател Доналд Трамп, со цел намалување на трговскиот дефицит на САД со светот.
„Двете земји одлично ги застапуваа своите национални интереси. Урамнотежената трговија е во наш интерес, а САД ќе продолжат да се стремат да се движат во таа насока“, изјави американскиот министер за финансии Скот Бесент по разговорите со кинеските претставници во Женева.
Министерот Бесент и трговскиот претставник Џејмисон Грир се обратија на печатот по преговорите со нивните кинески колеги, а двете страни го поздравија намалувањето на несогласувањата.
На состаноците одржани во Женева во текот на викендот, високи американски и кинески економски претставници се сретнаа лице в лице првпат откако Трамп се врати во Белата куќа и започна глобална царинска војна, наметнувајќи особено високи царини за увоз од Кина.
Бесент рече дека договорот не вклучува царини коишто се однесуваат на поединечни сектори и дека САД ќе продолжат со стратешко балансирање во областите на фармацевтската индустрија, полупроводниците и производството на челик, односно во секторите каде што се идентификувани недостатоци во синџирот на снабдување.
Откако ја презеде функцијата во јануари, Трамп ги зголеми царините за кинески стоки на 145 отсто, покрај царините за некои кинески стоки што ги воведе за време на својот прв мандат и царините што ги наметна кабинетот на Бајден. Кина возврати со ограничување на извозот на некои ретки метали кои се неопходни за американските производители на оружје и електроника и со зголемување на царините за увоз од САД на 125 отсто.