X продолжува да губи корисници, бројките од ЕУ се зачудувачки

од Vladimir Zorba
25 прегледи

Социјалната мрежа X (порано Twitter) бележи растечки пад на својата корисничка база во Европската Унија, а најновите податоци покажуваат дека бројот на месечно активни корисници сега е официјално помал отколку пред Илон Маск да ја купи компанијата во 2022 година за 44 милијарди долари.

Според априлскиот извештај за транспарентност што X беше должен да го објави согласно Европскиот закон за дигитални услуги (DSA), платформата сега има 94,8 милиони корисници во ЕУ, што е пад од речиси 11 милиони во споредба со претходниот извештај.

Ова е пад од над 10,5 проценти за само шест месеци, а загубите се особено изразени во Франција (губење од 2,7 милиони корисници), Полска (скоро 2 милиони), Германија (1,5 милиони) и Шпанија (повеќе од еден милион). Дури и помалите земји како Луксембург и Литванија забележаа пад на корисниците од 25 проценти.

Со оглед на тоа што DSA бара редовни извештаи за модерирање на содржината и други клучни податоци, ЕУ стана единствениот голем глобален блок каде што X мора транспарентно да објавува бројки што инаку би ги задржал за себе.

Иако точниот број на корисници во САД и во други делови од светот не е официјално објавен, независно истражување сугерира дека X бележи загуби и надвор од Европа. „Фајненшл тајмс“ минатиот септември објави дека платформата изгубила околу една петтина од своите дневни активни корисници во САД и една третина во Велика Британија.

И покрај обидите на Илон Маск и неговата нова компанија за вештачка интелигенција xAI, која неодамна ја купи X, да претстават позитивна слика за бизнисот, реалноста покажува спротивен тренд. Привремениот пораст на активноста по изборот на Доналд Трамп кон крајот на 2024 година не се одржа, а враќањето на огласувачите како Apple се покажа краткотрајно. Ако на ова ги додадеме глобалните протести против Tesla и падот на профитот на компанијата за неверојатни 71 процент, јасно е дека деловните стратегии на Маск наидуваат на сериозен отпор и ерозија на довербата, како од корисниците, така и од инвеститорите, пишува Mashable.

Слични содржини