• петок, 04 јули 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

„Млади за млади“ - Поддршка на музички артисти од независната сцена и помош за Кочани

„Млади за млади“ - Поддршка на музички артисти од независната сцена и помош за Кочани

Скопје, 22 мај 2025 (МИА) - Поддршка на музички артисти од независната македонска сцена и помош за Кочани, се двата клучни аспекта на годинашниот фестивал „Млади за млади“ што ќе се одржува два викенда, на 12-ти, 13-ти и 14 јуни, како и на 19-ти, 20-ти и 21 јуни на летната сцена „Славиша Кајевски“ на МНТ. 

Во шестте вечери ќе настапат 12 бендови, а организаторите најавуваат квалитетна музика.

Билетите ќе бидат симболични, по 300 денари.

-Овие шест дена не само што ќе понудат квалитетна музичка програма, туку и ќе можеме да им помогнеме на оние на кои тоа им е нависина потребно. Секој вечер ќе има по два бенда. Пресудно е тоа што овие млади луѓе ќе може да се претстават на голема сцена, да бидат слушнати од поголема публика. Тоа е генерално проблем за сите помали, независни артисти кои се соочуваат со проблеми на реализација на обични концерти и настани. Овојпат ќе може да ги реализираат своите идеи, а верувајте, има многу голем број бендови кои се многу креативни, а пошироката публика не ни знае дека постојат, истакна уредникот на радиото „Стереолаб“ Дарко Јорданов на прес-конференција.

Според него, покрај овие 12 бендови кои публиката ќе има можност да ги слушне на фестивалот, постојат и други кои во следна прилика, исто така ќе добијат шанса.

-На скопскиот, на македонскиот асфалт постојат исклучително квалитетни луѓе, помошта на МНТ и „Телеком“ е многу важна зашто најчесто се поддржуваат комерцијални настани, а независната сцена е многу важно да ја поддржиме, тоа е и мисијата на „Стереолаб“ - да ги поддржи младите артисти кои се многу важни не само за музичката сцена, туку и воопшто за културата, а ретко добиваат можност да бидат помогнати и да добијат вистинска можност да се претстават на ваква сцена пред 500 - 1 000 луѓе, подвлече Јорданов.

Фестивалот на 12 јуни ќе го отворат „FUNKSHUI“ и „Speysd“ - проектот на младата артистка Анастасија. Следната вечер се „Фикшн“ и „Карла Левински“, а на 14 јуни настапуваат „Кем“, „Поетроника“ и М.И.К. Вториот викенд, на 19-ти, 20-ти и 21 јуни, ќе се претстават Мартин Џорлев со „Животни“ и Елена Васова, „Новиот почеток“ и „Милко“, како и „Ваџајна корпорејшн“ и „Светлост“. 

-Шест вечери, по два артиста, се надевам дека ова е доволно провокативно и дека ќе привлече секаква публика. Годинава акцентот е на помладите, мислам дека имаме вистински добри бендови. Сите овие млади „клинци“ се многу среќни што имаат можност да се претстават на ваков формат на настан зашто немаат често прилика да свират на вакви настани. Каде и да сакате да реализирате каква било нова плоча, се соочувате со многу сериозни проблеми - изнајмување сала, некакви дилови,... Ова е за нив вистинска можност, а ние гарантираме за бендовите, за нивниот квалитет и стоиме зад оваа селекција, потенцира Јорданов, изразувајќи голема благодарност за поддршката на МНТ и „Телеком“. мч/лв/

фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан