Бизнис
ЕУ СО СУФИЦИТ ВО ТРГОВИЈАТА СО ЗЕМЈОДЕЛСКИ ПРОИЗВОДИ
13.05.2025
Во 2024 година Европската Унија во надворешната размена на земјоделски производи оствари суфицит од 39,2 милијарди евра и во истиот период извозот изнесуваше 234,1 милијарди евра, а увозот 194,9 милијарди евра.
Во споредба со 2023 година, извозот и увозот бележат раст од 2,8 проценти и 6,7 проценти на годишна основа, објави Европскиот завод за статистика - Евростат.
Помеѓу 2014 и 2024 година, трговијата со земјоделски производи во ЕУ порасна за 59 проценти, при што извозот се зголеми за 58 проценти, а увозот за 60,2 проценти, што е еквивалентно на просечен годишен раст од 4,7 проценти за извозот и 4,8 проценти за увозот.
Велика Британија беше главен партнер за извоз на земјоделски производи во 2024 година со учество од 23 проценти (54,0 милијарди евра), следуваат САД (12,8 проценти или 30,1 милијарди евра), Швајцарија (5,4 проценти или 12,6 милијарди евра) и Кина (5,3 проценти или 12,3 милијарди евра).
Поголемиот дел од увозот на ЕУ доаѓа од Бразил (8,8 проценти или 17,1 милијарди евра), Обединетото Кралство (8,5 проценти или 16,6 милијарди евра), Украина (6,7 проценти или 13,1 милијарди евра) и Соединетите Американски Држави (6,1 процент или 12 милијарди евра), пренесува Банкар.