РКЕ и АДКОМ со иницијатива Комисијата да ја носи конечната цена за водата за одржливост на јавните претпријатија
- Потребна е промена на концептот и начинот на носење одлуките за тарифите за водни услуги и зголемување на цената за одржливост на јавните претпријатија и намалување на загубите на вода во Македонија. Тоа се дел од препораките на учесниците на меѓународната конференција „Иднината на комуналниот сектор“ што вчера и денеска се одржува во Охрид во организација на АДКОМ - Здружение на даватели на комунални услуги на Република Северна Македонија.

Охрид, 13 јуни 2025 (МИА) - Потребна е промена на концептот и начинот на носење одлуките за тарифите за водни услуги и зголемување на цената за одржливост на јавните претпријатија и намалување на загубите на вода во Македонија. Тоа се дел од препораките на учесниците на меѓународната конференција „Иднината на комуналниот сектор“ што вчера и денеска се одржува во Охрид во организација на АДКОМ - Здружение на даватели на комунални услуги на Република Северна Македонија.
Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски смета дека за намалување на загубите на вода од 63 отсто конечната цена да ја одредува Комисијата наместо како досега општинските совети.
- Тоа што јасно го предлагаме и ние и здружението АДКОМ е концептот и начинот на носење на одлуките за тарифите за водни услуги да се промени и наместо како што е досега Регулаторната да дава минимална и максимална цена, па понатаму преку советите да се определува конечната цена, јасно предлагаме тој товар да го реземе Регулаторната комисија за енергетика и да носи цена. На тој начин со нашите методологии, кои се поттикнувачки веруваме дека ќе влијаеме на подобрување на економските перформанси на претпријатијата, оптимизирање на нивната работа и намалување на загубите на водни услуги, рече Бислимовски.
Според него, мора да се направи нешто во секторот за да не се доведеме до ситуација од земја богата со вода Македонија да има недостаток.
- Со АДКОМ ќе преземеме некои чекори и верувам дека во наредниот период ќе има процес на намалување на загубите, инвестиции кои се особено битни за водоводните претпријатија и сето тоа ќе доведе до подобра услуга до крајните корисници, наласи Бислимовски.
Директор на јавното претпријатие „Солидарност“ Виница, Игор Спасовски и член на АДКОМ истакна дека јавните претпријатија се на прагот на рентабилноста, голем број едвај врзуваат крај со крај, а за година-две рече оти ќе нема да можат да функионираат нормално.
- Ги плаќаме трошоците за енергија и нафта и за инвестиции не можеме ни да посмислиме. За реконстукција на водоводната мрежа, дигитализација, обнова, односно поставување смарт паметни водомери, не можеме сами потребна ни е помош, рече Спасовски.
Во однос на актуелните цени за водата за пиење која ја плаќаат корисниците, нагласи дека се под минималниот праг за рентабилно да работат.
И тој посочи дека РКЕ и АДКОМ покренале иницијативи и чекори за конечната одлука за висината на цената на водните услуги во секое комунално претпријатие да ја определува Комисијата.
- Од една страна ќе го одбегнеме социјалниот момент кој секоја општина, Совет се труди да го држи, затоа РКЕ кога досега ќе понудеа минимална и максимална цена Советите скоро секогаш ја одбираа минималната и со тоа ги довеадоа комуналните претпријатија до оваа состојба, со која уште година две нема да можеме да функионираме нормално, подвлече Спасовски.
Аида Јусуфхоџиќ, советничка за развој на капацитетите во ГИЗ во Босна и Херцеговина посочи дека состојбата со јавните претпријатија е слична во целиот регион. Во однос на рентабилноста на јавните претпријатија во БиХ со сегашните цени, таа вели дека тешко работат, се субвенцираат, но постои проблем со превработеност и неадекватен кадар.
- Има доста претпријатија кои се во проблем и се пред стечај токму заради проблемите со тарифите и цените на услугите, рече Јусуфхоџиќ.
Според неа, проблемот е повеќе од политичка природа, бидејќи кога гледате здраворазумно не можете да сфатите како е можно се друго да поскапи, а луѓето тоа да го прифатат, а не можат да прифатат да поскапи нешто како што се комуналните услуги.
- Тука не говорам само за водоснабдување, туку и за услугите за одведување и пречистување на водите. Во БиХ ситуацијата е слична, водоводните претпријатија прават пресметка на цената на водата, а потоа одлуката ја носат општините кои ја одобруваат таа цена, истакна Јусуфхоџиќ.
Смета дека треба да се работи не само со политичарите на подигнување на свеста, туку и со пошироката јавност, граѓаните да сфатат што значи само еден ден без вода. сс/мд/
Фото: МИА