Министерот за култура и туризам Зоран Љутков, денес, во рамките на Конференцијата на библиотекарите „Услуги за корисниците со посебни потреби и лица со попреченост“, порача дека библиотеките мора да се приспособат, да бидат пофлексибилни, поотворени и подостапни за сите граѓани без исклучок.
„На попреченоста не треба да се гледа како на пречка туку како на предизвик. Таа треба да биде поттик за библиотеките да се приспособат, да бидат пофлексибилни, поотворени и похумани. Затоа денес, кога технологијата ни нуди сè поголеми можности, немаме изговор да не го направиме тоа. Говориме за пристапност во физичка смисла, како пристап до просториите, но и за пристапност до содржините преку Брајово писмо, аудиокниги, дигитални формати, приспособени образовни програми и персонализирана поддршка“, рече Љутков.
Според него, сите ние, а особено институциите што ја носат одговорноста за културниот развој, мора да гледаме на достапноста не како на дополнителна обврска, туку како на основен принцип.
На Петтата конференција на библиотекари, што се одржува во Велес во организација на Библиотекарското здружение на РМ, учествуваат и библиотекари од Србија, Косово, Албанија, Хрватска, Индија и Босна.