Премиерот беше прашан дали директорот на Инспекторатот за употреба на јазиците Арсим Идризи ќе биде разрешен, како што тоа вчеравечер го најави вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ. Мицкоски, од друга страна, рече дека не знае каде Стоилковиќ го најавил тоа
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека разговарал со директорот на Инспекторатот за употреба на јазиците Арсим Идризи, кој неодамна во изјава за медиумите одби да одговори на новинарски прашања на македонски јазик, инсистирајќи дека согласно Законот за употреба на јазиците треба да има преведувач.

Во одговор на новинарски прашања по денешната посета на реконструираното Одделение за управни работи во Скопје, Мицкоски изјави дека разговарал со Идризи во врска со настанот и изрази очекување дека нема да се повтори. Во спротивно, како што рече, ќе биде разрешен.
„Видете, ако конкретно мислите на оној момент кога директорот во рамки на парламентот не се обраќаше на македонски јазик. Јас разговарав и не очекувам тоа да се повтори, а ако се повтори ќе биде разрешен“,
рече Мицкоски.
Премиерот беше прашан дали директорот на Инспекторатот за употреба на јазиците ќе биде разрешен, како што тоа вчеравечер го најави вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ за време на гостувањето на ТВ Канал 5. Мицкоски, од друга страна, рече дека не знае каде Стоилковиќ го најавил тоа.
„Не знам каде најавил Стоилковиќ“,
рече тој.
Вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ вчеравечер во гостување на ТВ Канал 5 изјави дека директорот на Инспекторатот за употреба на јазиците сигурно ќе биде разрешен од функцијата откако на новинарски прашања одбил да даде одговор и на македонски јазик.
„На следната седница во вторник сигурно ќе биде разрешен, 99 проценти. Јас имам концесија да покренам иницијатива на седница на Владата да биде сменет веднаш“,
рече Стоилковиќ прашан да го коментира настапот на директорот на Инспекторатот, Арсим Идризи, кога одби да одговори на новинарски прашања на македонски јазик.
Претходно денеска реакција во врска со изјавата на Стоилковиќ имаше опозициската ДУИ:
„Скандалот е продлабочен од страна на министерот за политички систем, кој вчера изјави дека ќе го смени директорот на Инспекторатот не поради неработење, туку за да му го покаже местото. Оваа изјава е директна демонстрација на институционален притисок и понижување врз службената употреба на албанскиот јазик.“