Доналд Трамп штотуку положи заклетва како 47. претседател на САД, почнувајќи уште еден турбулентен четиригодишен мандат со ветувањето дека „ќе ја направи Америка голема повторно“ уште еднаш. Церемонијата на заклетвата за првпат по 40 години беше поместена во затворен простор, во Капитол во Вашингтон, а веднаш по заклетвата Трамп ѝ се обрати на нацијата.
Доналд Трамп го започна својот претседателски говор со обраќање до неговите претходници и другите присутни на настанот, вклучувајќи ги и поранешната потпретседателка Камала Харис и поранешниот претседател Џо Бајден.
„Златната доба на Америка започнува токму сега“, изјави тој. „Од денеска натаму нашата земја ќе напредува и ќе биде почитувана.
Прочитај повеќе

Вонредна енергетска состојба: Сите идни потези на Доналд Трамп
Новоизбраниот претседател се очекува да ги искористи овластувањата што важат во вонредни состојби.
20.01.2025

Трамп веќе на големо заработува од крипто
Пред доаѓањето на Доналд Трамп во Белата куќа, возбудата за промена на власта ја почувствува индустријата за криптовалути.
20.01.2025

Враќањето на Тикток го става под лупа ставот на Трамп кон Пекинг
Тикток накратко згасна во САД, па продолжи да работи откако Доналд Трамп вети дека ќе го одложи спроведувањето на забраната.
20.01.2025

Чекајќи го прокрипто претседателот Трамп, биткоинот постигна нов рекорд
Биткоинот утрово достигна нов рекорд од 109.241 долар додека САД се подготвуваат да го инаугурираат новоизбраниот прокрипто претседател Трамп.
20.01.2025

Трамп во Белата куќа, песимизам во Давос - пет вести на денот
Инаугурацијата на 47. американски претседател поради студот ќе се одржи во Капитол, но сепак ќе биде токму како самиот Трамп – грандиозна, екстравагантна, луксузна и секако најскапа досега.
20.01.2025

Премиерот Христијан Мицкоски заминува во САД на инаугурацијата на Доналд Трамп
Премиерот ќе присуствува и на свеченоста насловена како „Гласови на слободата“ која ќе се одржи по инаугурацијата, а ја организираат компаниите „Трамп медиа“ и „Рамбл“.
18.01.2025
Многу едноставно, на прво место ќе ја ставам Америка.
Вагата на правдата ќе биде ребалансирана. Злобната, насилна и неправедна инструментализација на Министерството за правда и владата ќе заврши“, изјави Трамп.
„Наш главен приоритет ќе биде да создадеме нација што е горда, просперитетна и слободна.
Сонцето сјае низ целиот свет, а Америка има шанса да ја искористи таа можност како никогаш досега“, рече Трамп.
„За граѓаните на Америка, 20 јануари 2025 година е ден на ослободувањето“, порача Трамп.

Како што беше претходно најавено, Трамп положи заклетва користејќи ја Библијата на Абрахам Линколн, истата онаа што Линколн ја користеше за време на неговата инаугурација во 1861 година.
Покрај тоа, Трамп ја користеше и својата Библија. Тој ги искористи и двете за неговата заклетва во 2017 година. Претседателот на Врховниот суд, Џон Робертс, претседаваше со церемонијата на положување заклетва на Трамп. Трамп се заколна со левата рака на Библијата што ја држеше неговата сопруга Меланија, додека ја креваше десната рака.
Еве го текстот на заклетвата што тој предмалку ја положи:
„Свечено се колнам дека верно ќе ја извршувам функцијата претседател на Соединетите Американски Држави и, колку што можам, ќе го зачувам, штитам и бранам Уставот на Соединетите Американски Држави. Затоа, помогни ми, Боже“.
Тој претходно најави дека ќе го искористи својот говор за да ја зајакне пораката за национално единство, а започна со мрачен приказ за моменталната состојба во земјата, која до неодамна беше под власта на Бајден. „Во САД, каде што се собираме денеска, нашата влада се соочува со криза на довербата. Со години радикалната и корумпирана влада извлекуваше моќ и богатство од нашите граѓани, додека столбовите на нашето општество беа урнати. Имаме влада што не може да се справи дури ни со обична криза дома, додека се сопнува низ континуирана серија катастрофални настани во странство“, рече тој.
„Асошиејтед прес“ објави дека обраќањето на Трамп пред околу 600 гости во ротондата на американскиот Конгрес, според ова, личи на неговиот инаугурациски говор во 2017 година, кога тој првпат стана претседател. Тоа беше, според нивните наводи, своевидно обвинение за состојбата на државата што ја наследува, со големи ветувања за решавање на проблемите и обид да се претстави како национален спасител.
„Нашиот суверенитет ќе биде вратен. Нашата безбедност ќе биде вратена. Наш врвен приоритет ќе биде да создадеме нација што е горда, просперитетна и слободна“, рече Трамп.
Најави вонредна состојба на границата
Тој додаде дека веднаш ќе започне со издавање извршни наредби, од кои првата ќе вклучува прогласување вонредна состојба на границата со Мексико и испраќање војници во областа, за што доби овации од сите присутни републиканци и неколкумина демократи. „Ќе бидат прекинати сите илегални премини и ќе почнеме да ги враќаме илегалните имигранти. Ќе воспоставиме политика ‘Остани во Мексико’. Ќе ја испратам војската на границите за да спречиме катастрофална инвазија. Мексиканските наркокартели ќе бидат прогласени за странски терористички организации“, најави Трамп.
За енергетиката и инфлацијата, тој во својот говор рече: „Ќе ги намалиме инфлацијата и цените на суровините. Инфлацијата беше предизвикана од владиното расипништво, затоа ќе прогласам енергетска вонредна состојба за да можеме да почнеме со дупчење. Ќе ги намалиме цените на енергијата и ќе ги обновиме резервите од енергија. Повторно ќе бидеме богата нација, а течното злато под нашите нозе ќе ни помогне во тоа“.
Тој рече дека повторно ќе ги повлече САД, најголемиот светски загадувач со јаглерод, од Парискиот климатски договор, нанесувајќи им удар на напорите низ светот за борба против глобалното затоплување и уште еднаш оддалечувајќи ја земјата од нејзините најблиски сојузници. Во 2017 година, кога првпат стана претседател, Трамп го напушти и Парискиот климатски договор, постигнат во 2015 година со цел да се ограничи долгорочното глобално затоплување.
Зборувајќи за автомобилската индустрија, тој рече дека ќе го заштити тој сектор и ќе им го врати на работниците. „Ќе можете да го купите автомобилот што го сакате, без разлика дали е електричен или не“.
Како што рече, тарифите ќе ги збогатат Американците, „затоа ја основам Службата за странски приходи за собирање царини од странски извори. Ќе ја вратиме ефикасноста на федералната влада, која ќе ја постигнеме преку Одделот за владина ефикасност“.
„Ќе ја вратам слободата на говорот во Америка со извршна наредба за слободата на печатот. Никогаш повеќе нема да се користи државата како оружје за напад на политичките противници, за што знам многу“, рече тој.
Тој исто така изјави дека ќе потпише извршни наредби за укинување на заштитата на трансродовите лица и за укинување на програмите за различност, еднаквост и инклузија, а официјалната политика на Соединетите Американски Држави ќе биде дека има само два пола: машки и женски. Тој, исто така, рече дека на војниците што биле отпуштени поради прескокнување на задолжителните вакцини ќе им бидат вратени работните места и платите. „Нашите војници на тој начин ќе се фокусираат на нивната единствена мисија: одвраќање на непријателите на нашата земја. Ќе нè дефинираат војни што ги завршуваме или оние во кои воопшто не се мешаме. Ќе се залагам за враќање на сите американски заложници низ светот“.

Тој рече и дека ќе го смени името на Мексиканскиот Залив во Американски Залив и на планината Денали во Мекинли. „Панама ја изневери нашата доверба, американските бродови плаќаат високи такси за да поминат низ Панамскиот Канал, додека кинеските бродови не. Кина го контролира каналот, тоа не е во ред“, рече тој.
Трамп во својот говор имаше и помпезна најава: „Одиме на Марс“, рече тој, кревајќи го на нозе возбудениот Илон Маск, сопственик на вселенската компанија „Спејс екс“ (SpaceX), кој најави човечки летови до Марс.
Се очекува дека еден од првите политички потези на Трамп ќе биде иницирање процедури за укинување на правото за добивање државјанство врз основа на раѓање во САД. Си-ен-ен претходно објави дека републиканецот планира во првиот ден од својата функција да помилува некои од осудените за немирите во Капитол на 6 јануари 2021.
Кој присуствуваше на инаугурацијата?
Трамп се сретна со претседателот во заминување Џо Бајден во Белата куќа пред церемонијата. Бајден го пречека со зборовите „Добре дојдовте дома“, по што разговараа околу 35 минути зад затворени врати. На разговорот присуствуваа и нивните сопруги Меланија Трамп и Џил Бајден.
На инаугурацијата присуствуваа членови на семејството на Трамп, членови на Конгресот, кандидати за неговиот кабинет... Меѓу гостите имаше и многу познати личности од американската политика и бизнис: поранешните претседатели Бил Клинтон и Барак Обама, Бил придружуван од сопругата Хилари, додека Мишел ја одби поканата, потпретседателката и претседателска противкандидатка на Трамп Камала Харис, како и идните советници Маск и Вивек Рамасвами, додека од корпоративниот свет ќе ги спомнеме Сундар Пичаи од „Алфабет“ (Alphabet), извршниот директор на „Епл“ (Apple), Тим Кук, и Марк Закерберг од „Мета“ (Meta).
На церемонијата беа поканети и аргентинскиот претседател Хавиер Миел, италијанската премиерка Џорџа Мелони и кинескиот потпретседател Хан Женг, кој дојде наместо Шји Џјинпинг. Токму поканата (и одбивањето) на вториот предизвика најголем интерес кај аналитичарите.
Политикологот Блаж Вречко Илц рече дека поканата до кинескиот лидер изразува „свест за радикална промена во светските односи, каде што односот меѓу САД и Кина е од централно значење“. Експертот Томаж Дежелан, пак, додаде дека Трамп испаднал „наивен“ со поканата, бидејќи Шји испратил пратеник во снегово име. „Ова е сигнал за тоа што мисли Шји за Трамп“, рече тој.

Тој додаде дека Трамп ѝ придава големо значење на инаугурацијата во смисла на проектирање на неговата големина, значење и, од друга страна, како израз на признавање не само од политичките туку и од централните економски и социјални елити на Америка.
„Значењето е исклучително, бидејќи мирниот трансфер на власта е една од основните гаранции на демократијата“, рече Дежелан од Факултетот за општествени науки во Љубљана. Ова е настан што премолчено сведочи за фактот дека „САД се пример за сите изборни демократии и хибридни режими, кои имаат големи проблеми токму со ова“.
Кое е економското наследство на Бајден?
Претседателот Трамп ја наследува најсилната економија од неговиот претходник Бајден, во добра форма. Барем на економски план, јасно е дека некои клучни показатели му беа предадени на Трамп во добра форма.
Невработеноста е на 4,1 отсто, што е помалку од 6,4 отсто во јануари 2021 година, кога Бајден ја презеде функцијата, а во 2024 година беа отворени вкупно 2,2 милиона работни места, што е помалку од три милиони во 2023 година, но повеќе од два милиона во 2019 година, според „Блумберг“.
Сепак, голема грижа со која ќе мора да се соочи новиот претседател е растечкиот дефицит, кој резултира со високи трошоци поради зголемените приноси на обврзниците. Во изминатите четири месеци каматните стапки на десетгодишните државни хартии од вредност пораснаа за повеќе од процентен поен. Инфлациската криза остави во наследство цени што кумулативно се зголемија за 20 отсто за време на мандатот на Бајден.
Трамп на церемонијата во понеделникот рече дека ќе ја победи рекордната инфлација. Во првите 17 месеци од мандатот на Бајден, инфлацијата континуирано растеше, достигнувајќи врв од 9,1 отсто во јуни 2022 година, додека најновите податоци покажуваат дека таа падна на 2,9 отсто во декември 2024 година. Во другите историски периоди инфлацијата беше уште поголема, на пример во 1980 година, кога беше повеќе од 14 проценти.
Економијата е обично прва тема на говорите
Имајќи предвид дека економијата беше во првите редови на успешната изборна кампања на Трамп, можеше да се очекува дека тој ќе допре некои клучни теми во неговото инаугуративно обраќање поврзани со амбициите за создавање просперитет и зајакнување на американската конкурентност.
Претходните претседатели ги користеа инаугуративните говори и како платформа за фокусирање на економијата. Претседателот Барак Обама, кој се соочи со финансиската криза во 2009 година, рече дека „состојбата на економијата бара од нас да дејствуваме храбро и брзо, и ние ќе го сториме тоа“.
Во својот прв мандат Трамп вети дека ќе ги врати работните места и ќе ја направи Америка повторно богата. Тоа, заедно со објавувањето низа извршни наредби, сугерираше дека денешниот говор ќе биде економски обоен.
Претседателот што ги направи криптовалутите уште посилни
Додека биткоинот го достигна највисокото ниво на сите времиња во понеделникот пред претседателската инаугурација, вредноста на мемекоините именувани по новиот претседател и неговата сопруга исто така вртоглаво порасна.
Лансирана на 18 јануари, паричката на Трамп флуктуира помеѓу 38 и 75 долари во изминатите 24 часа, а за два дена доби 700 проценти. Монетата има пазарна вредност од околу 11 милијарди долари и 24-часовен обем на тргување од 47,4 милијарди долари.
Уште еден мемекоин, $Melania, лансиран во неделата од тогашната идна прва дама Меланија Трамп, исто така се зголеми за 50 отсто, на 11 долари. Пазарната капитализација на монетата е 2,13 милијарди долари, а обемот на тргување е 4,55 милијарди долари.
(Ажурирано низ текстот)
-Во пишувањето на текстот помогнаа Алеш Ковачич и Игор Петровски.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...