свет

Претседателката на ЕК: Заканата од царини ризикува натамошно нарушување на клучните синџири на снабдување

„Се соочуваме со нова парадигма за енергетската безбедност во Европа“, рече Фон дер Лајен

Burak Bir  | 25.04.2025 - Обновена : 28.04.2025
Претседателката на ЕК: Заканата од царини ризикува натамошно нарушување на клучните синџири на снабдување

ЛОНДОН (АА) - Шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека заканата од царини ризикува натамошно нарушување на клучните синџири на снабдување, нагласувајќи дека сигурната и прифатлива енергија е „крвоток на нашите економии“, јавува Анадолу.

„Се соочуваме со нова парадигма за енергетската безбедност во Европа“, рече Фон дер Лајен на Меѓународниот самит за иднината на енергетската безбедност во Лондон, посочувајќи ги војната на Русија во Украина и нападите на Хусите на Блискиот Исток.

Исто така, таа се осврна на царинската политика на американскиот претседател Доналд Трамп, истакнувајќи: „Преку Атлантикот, заканата од царини ризикува натамошно нарушување на клучните синџири на снабдување.“

Претседателката на Европската комисија нагласи дека сигурната и прифатлива енергија е „крвоток на економиите“.

„Таа е основа на нашата национална безбедност и ја одржува нашата индустриска и економска конкурентност“, рече таа, додавајќи дека комесарот за енергетика на блокот, Дан Јоргенсен, ќе презентира Мапа на патот со конкретни мерки „за постепено укинување на целиот увоз на руски фосилни горива“.

Осврнувајќи се на „веќе видливиот прогрес“ во преминувањето кон обновлива енергија, Фон дер Лајен потсети дека обновливите извори сега сочинуваат 47 отсто од вкупната електрична енергија на ЕУ.

Таа нагласи дека сончевата и ветерната енергија се два најбрзо растечки извори на енергија и дека ЕУ само во 2024 година инсталирала 78 гигавати нови капацитети на обновлива енергија.

Повторувајќи ги предизвиците околу енергетската безбедност, Фон дер Лајен рече дека глобалните предизвици бараат колективен одговор.

„Потребна ни е поголема соработка низ целиот синџир на вредности на енергијата“, додаде таа.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın