четврток, 22 мај 2025

25 граѓански организации од Владата бараат решението за градба на хотелот кај Горица да се поништи

Одобрението за градба на хотелскиот комплекс во Горица, на брегот на Охридското Езеро, е незаконско. Според сите релевантни закони Владата има обврска да го прогласи ова одобрение за ништовно. Обврската за отстранување на градбата, за враќање на природата во првобитна состојба и поништување на урбанистичкиот план на кој се базира актуелното уништување, е владина обврска, се вели во претставката на 25 граѓански организации испратена до Владата на Македонија.

Објавено на

часот

Сподели

Во претставката се потсетува Владата дека тоа е нејзина обврска и според меѓународните договори – Бернската и конвенцијата на УНЕСКО. Според претставката сторени се бројни прекршоци, а можни се и кривични дела при инспекцискиот надзор на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС).

Истите организации доставија претставка со слична содржина и барања и до Општина Охрид, а за целиот случај ги известија и пратениците, како и новоформираното меѓуресорско тело за координација на активности против корупцијата.

Граѓанските организации бараат итно да се спроведат Законот за животна средина, Законот за градење и Законот за општата управна постапка, според кои одобрението за градење издадено без оцена на влијанието врз животната средина, дури и без решение за одобрување на елаборат за животна средина, е ништовно. Во претставката се додава дека издавајќи го одобрението за градење без оцена на влијанието врз животната средина, Општина Охрид го спречи и остварувањето на уставното право на граѓаните да учествуваат во процесот на одобрување на проектот, гарантирано со Законот за животна средина и Архуската конвенција. Организациите се осврнуваат и на улогата на ДИЖС и од премиерот и Владата бараат да се обезбеди испитување на можни коруптивни постапки од страна на сите посочени институции и вклучени лица.

„Државниот инспекторат за животна средина, институцијата чија основна должност е да го обезбеди спроведувањето на Законот за животна средина и да го заштити јавниот интерес – наместо да превенира, овозможи понатамошна деградација на природното наследство; заштити законски прекршувања, кривични дела, противуставни постапки и противзаконска материјална корист на Дивелоп Груп“, пишува во претставката потпишана од Фронт 21/42, Охрид СОС, Новинари за човекови права, Балканска водна мрежа, Институт за демократија „Социетас цивилис“ Скопје, Национален Рома центар Куманово, Институт за комуникациски студии, Центар за правни истражувања и анализи, АРТ поинт – Гумно, О2 иницијатива, Еко логик, Вело училишта, Зелен хуман град, Хумани градови, Грин.орг Кочани, Го сакам Водно, Здрава котлина, Институт за човекови права, Центар за управување со знаење, Метаморфозис, Планетум, Еко-живот, Движење на екологисти на Македонија и Гоу грин.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ