1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Петиција за спас на македонската сивка

ДТЗ
5 јуни 2025

Македонската сивка е една од најзагрозените видови пеперутки во Европа. Институтот за комуникациски студии (ИКС) покрена иницијатива да се спречи нејзино исчезнување поради нелегална меѓународна трговија.

https://p.dw.com/p/4vSnI
пеперутка сивка
Петиција за спас на најзагрозената пеперутка во Европа - македонската сивкаФотографија: Velijan Jagev

Институтот за комуникациски студии (ИКС) покренува петиција за вклучување на македонската сивка (Pseudochazara cingovskii) во Анекс 1 на Конвенцијата CITES, за да се спречи нејзино исчезнување поради нелегална меѓународна трговија.

Овој критично загрозен и ендемски вид пеперутка е изложен на висок ризик од исчезнување, особено поттикнато од побарувачката од колекционери на инсекти.

ИКС и германската организација Pro Wildlife упатија писмо до македонските институции, со барање Македонија формално да поднесе предлог до CITES најдоцна до 27 јуни, пред Конференцијата на страните (CoP20), што ќе се одржи во Самарканд од 25 ноември до 5 декември 2025.

Вклучувањето на овој вид во Анекс 1 на Конвенцијата CITES ќе овозможи забрана за меѓународна трговија, поддршка за национални и гранични контроли и подигнување на свеста за заштита на видот на глобално ниво. 

пеперутка сивка
Македонската сивка е една од најзагрозените видови пеперутки во Европа. Може да се најде само на едно место во целиот свет: ридовите околу селото Плетвар во Северна Македонија.Фотографија: Velijan Jagev

Еден од најзагрозените видови на пеперутки

Македонската сивка е една од најзагрозените видови пеперутки во Европа. Може да се најде само на едно место во целиот свет: ридовите околу селото Плетвар во Северна Македонија.

Нејзиното живеалиште не е повеќе од околу 1,5 квадратни километри и се состои главно од карпи и одредени видови трева од кои сивката се храни додека е гасеница.

Македонската сивка, позната и под името Чингова окатка, е запрашувач, таа носи полен од едно во друго растение. Со тоа се обезбедува опстанок и размножување на голем број цвеќиња кои обезбедуваат нектар не само за македонската сивка, туку и за другите инсекти.

Секој од овие инсекти е клучен дел од сложениот и кревок екосистем, а нивниот опстанок зависи од функционирањето на системот како целина. Најголемата закана за овој екосистем е човековата активност. 

Според Меѓународната унија за зачувување на природата (IUCN), која ја прогласи пеперутката за „критично загрозена“, евидентирано е намалување на дистрибуцијата или големината на популацијата меѓу 6% и 30%. И покрај овие алармантни бројки, не се преземаат посебни мерки за заштита на пеперутката.