Судири во либиската престолнина Триполи, убиен шефот на безбедносната служба

Престрелки избувнаа во либиската престолнина Триполи ноќта кон вторникот по средноевропско време, во кои е убиен шефот на безбедносната служба на либискиот Претседателски совет, Абдел Гани ал-Кикли, објави весникот Al Wasat, повикувајќи се на владини и воени извори.

„Шефот на Директоратот за стабилност на Претседателскиот советот, Абделгани ал-Кикли, беше убиен во понеделник ноќта во седиштето на 444-та бригада на воениот округ Триполи“, се вели во објавата на електронското издание на весникот.

Прецизирано е дека истрели од огнено оружје се слушнале во областите Аин Зара и Салах ад-Дин на југот од Триполи.

Најмалку шест лица се ранети во судирите што избувнаа во либискиот главен град во понеделник ноќта, изјави за катарската телевизија Al Jazeera.

Претходно, службите за вонредни состојби прогласија режим на зголемена готовност во градот. Како што објави нејзин претставник на либискиот телевизиски канал Al Wasat, извесен број амбулантни возила и медицински екипи се подготвени во случај на вонредна состојба поради судирите.

Портпаролот, исто така, издаде наредба до жителите на Триполи да „останат во затворен простор и подалеку од прозорците поради напнатата безбедносна ситуација“ што моментално преовладува во главниот град.

Претходно, либиската новинска агенција Libya Press објави дека избувнале судири меѓу 444-та борбена бригада и Службата за одржување на безбедноста и стабилноста под Претседателскиот совет на Либија. Ескалацијата била предизвикана од атентатот врз началникот на службата, Абделгани ал-Кикли.

Безбедносен извор потврдил за телевизијата дека ал-Кикли, познат и како Ганива, бил убиен во понеделник вечерта во седиштето на 444-та борбена бригада. Според изворот, причината за присуството на ал-Кикли во седиштето е непозната, но можно е тој да бил „намамен на состанокот“.

444-та бригада е командувана од Махмуд Хамза. По судирите во 2019-2020 година, таа стана една од главните вооружени групи со седиште во западна Либија.

Откако во 2011 година со интервенцијата на НАТО беше соборен либискиот водач Моамер ел-Гадафи, разорената од војната порано богата земја во 2014 година дефинитивно се подели меѓу источните и западните ривалски фракции, а се водеа и борби со џихадистичките групации, како на пример Исламската држава која се обиде да се вкорени во земјата.

Во 2020 година меѓународно признаената Влада со седиште во Триполи, која контролира помал дел од државата, и силите лојални на маршалот Калифа Хафтар, чие седиште е во Тобрук и контролира поголем дел од земјата и поголем број нафтени полиња, договорија примирје со коешто е воспоставена кревка влада на единството.

Во 2021 година, Форумот за либиски политички дијалог спонзориран од ОН во Женева избра преоден извршен орган во исчекување на општите избори, кои сè уште не се одржале.

Изборите требаше да се одржат во декември 2021 година, но планот пропадна поради несогласувањата меѓу фракциите и главните кандидати во Триполи околу изборните правила. Поради тоа парламентот, кој во текот на судирите застана на страната на источните фракции, одлучи да именува нова влада.

Премиерот на владата на единството Абдулхамид ал-Дбеиба ја отфрли одлуката на парламентот, велејќи дека неговата администрација сѐ уште е важечка и дека власта ќе ја предаде дури по изборите.

Така таму сега дејствуваат две влади кои не се признаваат меѓусебно. Првата, поддржана од ОН и предводена од Дбеиба, дејствува во Триполи. Втората, овластена од парламентот е со седиште во Бенгази, а потоа се премести во Сирт, и ја предводи Осама Хамад.