• Горан Упале
Кристијано Роналдо потпиша нов договор со Ал-Наср до 2027 година, според кој ќе заработи неверојатни 577,68 милиони евра. Португалската легенда доби покачување на платата што ќе го задржи во Ал-Наср до 42 години со основна плата од 573.000 евра дневно.
Англискиот „Сан“ открива дека на поранешниот ас на Манчестер Јунајтед, Реал Мадрид и Јувентус му се понудени голем број бенефиции за да стане „амбасадор на соништата“, што би требало да ги зголеми неговите приходи на повеќе од половина милијарда евра во следните две години.
Покрај годишната плата од 209 милиони евра, Роналдо добива и бонус за потпишување од 28 милиони евра, кој ќе се зголеми на 44 милиони евра ако ја активира втората година од договорот.
На Португалецот ќе му бидат доделени 15% сопственички удел во клубот, во вредност од 39 милиони евра. Со бонуси од 4,7 милиони евра за освојување на „Златната копачка“ и 9,39 милиони евра доколку Ал-Наср ја освои титулата, Роналдо би можел да заработи повеќе од половина милијарда евра пред истекот на новиот договор.
Роналдо и неговото семејство ќе бидат кралски згрижени надвор од теренот. Ќе имаат шеснаесет вработени со полно работно време - тројца возачи, четири домаќинки, двајца готвачи, тројца градинари и четири обезбедувачи.
Сето ова го плаќа Ал-Наср, по цена од околу 1,17 милиони евра. Исто така, има 4,7 милиони евра за користење на приватен авион, како и ветување за спонзорски договори со саудиски компании, кои би можеле да достигнат 70,45 милиони евра.