• среда, 16 јули 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Изложба на трите видови хрватски етно накит во Тетово

Изложба на трите видови хрватски етно накит во Тетово

Тетово, 18 јуни 2025 (МИА) - Центарот за култура од Сесвете (Загреб) преку изложба во Тетово овозможи овдешната публика да се запознае со хрватскиот етно накит и трите видови на изработка според географското подрачје. Хрватскиот етно накит е поделен според три региони, Панонски, Динарски и Јадрански, истакна на вчерашното отворање на изложбата директорката на Центарот Вјекослава Дамјановиќ.

-Јадранскиот накит е метален накит, филигран, Динарски има перли, но повеќе метал и Панонски тој целсно е изработен од стаклени перли, кои луѓето успеале да ги добијат затоа што имало трговија со Чешка и трговци кои ги носеле перлите. Накиот е важен зошто од него може многу да се прочита. Може да се препознае личноста која го носи, од кое место доаѓа. Како што секое место има специфична носија така е и со накитот. Потоа можело да се препознае дали е тоа дете, девојка за мажење, мажена жена, вдовица, вдовица која излегла од тагување, па бара нова жртва, сè тоа од накитот можело да се препознае. Исто така и статусот. Во сиромашните делови накитот е поедноставен, околу Самобор и околината бил посложен и поскап со повеќе перли, така што може да се види дали девојката доаѓа од сиромашен или богат крај. Во Славонија жените носеле дукати, со свечена носија, со која девојките се мажеле и биле погребани. Жените секогаш биле силно врзани за накитот. Тој има универзална убавина и затоа и многу се подарува“, изјави Вјекослава Дамјановиќ, директорка на Центарот за култура, во Сесвете.

Таа посочи дека изработувачките на ваков вид накит се мошне активни во населбата Сесвете каде од дамнина е традицијата за изработка на традиционални предмети што не било случај во другите општини во Загреб.

-Појдовен мотив бил етно накитот, а потоа сами истражувале, направиле нацрти и самоиницијативно го изработувале. Тоа е дел од хрватското културно наследство што се чува и одржува живо.„Нашите изработувачки освен хрватскиот кој го исцрпиле во изработувањето, изработуваат и накит со мотиви од другите земји и народи. Убавината е тоа што е универзално, што на сите народи и на сите култури во историјата секогаш е еднакво и непроменливо“, истакна  Вјекослава Дамјановиќ, директорка на Центарот за култура, во Сесвете.

Изложбата беше поставена во Музејот на тетовскиот крај (поранешен Дом АРМ), а истата ќе може да се погледне и во текот на денешиот ден, среда 18 јуни. Ќе биде одржана и работилница за изработка на традиционален хрватски накит изработен од стаклени зрна или перли.

Изложбата досега била поставена и во Луксембург, Белгија, Австрија и Унгарија и други, информираат од Македонско-хрватското друштво (МХД) кои ја организираа изложбата. ас/ев/

ФОТО: МИА

Остани поврзан