Николче Здравески, легендата на фудбалскиот клуб Победа од Прилеп, почина ненадејно, на 54-годишна возраст. Здравески беше клучна фигура во историјата на клубот, чии најголеми успеси во независна Македонија се поврзани токму со неговото име.
Како капитен, Здравески ја предводеше Победа до нејзината прва шампионска титула, а потоа беше и тренер кога клубот го освои својот втор трофеј. Во 2000 година, под негово водство, Победа одигра легендарен натпревар против Парма, еден од најдобрите тимови што некогаш дошле на гостување во земјава.
Здравески целата своја кариера ја помина во Победа – прво како фудбалер, потоа како капитен, а потоа и како тренер. Тој работеше и како координатор на фудбалска школа, постојано придонесувајќи за развој на млади таленти и подобрување на клубот.
Здравески кратко време беше и тренер на тимот „11 Октомври“, кој тогаш играше во Првата лига, а во 2007 година беше прогласен за најдобар тренер од Фудбалскиот сојуз на Македонија (ФФМ). Покрај тоа, тој беше и член на македонскиот национален тим, со два настапи – против Албанија во Прилеп и Азербејџан.
Утрово се огласија од неговиот матичен клуб.
-Николче беше повеќе од спортска фигура — беше лидер, пријател и инспирација за сите нас. Неговото дело и човечност ќе останат вечно запаметени. Упатуваме искрено сочувство до неговото семејство, пријателите и сите што го познаваа. Почивај во мир, капитене. Засекогаш дел од ФК Победа, стои во реакцијата на клубот од Прилеп.