Банки
Монетарната политика го задржува внимателниот карактер ‒ каматните стапки се непроменети

На 17 април 2025 година се одржа редовна седница на Извршниот одбор за поставеноста на монетарната политика на Народната банка. На седницата беа разгледани најновите податоци и информации за светската и за домашната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика.
На седницата беше оценето дека тековната поставеност на монетарната политика е соодветна на условите во економијата, при поизразени неповолни ризици, особено од надворешното окружување. Оттука, на седницата беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да остане на нивото од 5,35%, а каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена на нивоата од 3,95% и 4%, соодветно.Понудата на благајничките записи на редовната аукција ќе биде исто така непроменета, односно ќе изнесува 10 милијарди денари. Со ваквата одлука се задржува внимателниот карактер на монетарната политика. Со целокупниот сет мерки, односно со сегашното ниво на каматните стапки, досегашните промени кај задолжителната резерва и преземените макропрудентни мерки, ќе се придонесе за ценовна стабилност на среден рок и за одржување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото. Во однос на политиката на Европската централна банка (ЕЦБ), на последната седница во април беше донесена одлука за намалување на каматните стапки за по 0,25 п.п..
Остварувањата кај инфлацијата и натаму се еден од клучните сегменти коишто наметнуваат потреба од внимателност, во услови кога ризиците, поврзани пред сѐ со надворешното окружување стануваат понагласени и исклучително непредвидливи. Имено, во услови кога геополитичките услови сѐ уште се нестабилни, промените во царинските политики на светско ниво дополнително ги влошуваат изгледите за трговската и економската активност и ја зголемуваат променливоста, како на светските пазари на примарни производи, така и на пазарите на капитал. Покрај ова, беа земени предвид и ризиците поврзани со домашните фактори што влијаат на агрегатната побарувачка.
Годишната стапка на инфлација во март 2025 година значително забави и се сведе на 2,7%, што е пониско ниво од очекуваното, коешто во еден дел е под влијание на тековните краткорочни мерки за ограничување на растот на цените. Инфлацијата, во просек, за првиот квартал е малку повисока од очекувањата според октомвриската проекција.Забавувањето на годишната стапка на инфлација во март во најголем дел се должи на послабиот раст на цените на храната, поради исцрпување на ефектот од пониската споредбена основа и дополнителниот надолен ефект од тековните краткорочни мерки за ограничување на растот на цените (коишто истекуваат на крајот на април). Во однос на останатите компоненти, забавува растот и на базичната компонента на инфлацијата, а падот на цените на енергентите забрзува. Во однос на инфлациските очекувања, во мартовските анкети на Европската комисија преовладуваат очекувања на потрошувачите за поумерено намалување на цените во следниот период. Најновите проекции за берзанските цени на примарните производи за следниот период се променети претежно во нагорна насока, што заедно со зголемената неизвесност и променливост на пазарите, упатува на зголемени ризици и потреба од внимателност.
Состојбата на девизниот пазар е стабилна. Нивото на девизните резерви на крајот на март изнесува 4.788,1 милион евра, што е соодветно за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Остварувањата кај девизните резерви се близу до очекувањата за првиот квартал на 2025 година, а интервенциите на девизниот пазар се умерено позитивни од почетокот на годината. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, остварувањата на менувачкиот пазар заклучно со март упатуваат на поумерени нето-приливи од приватните трансфери во споредба со проекциите за првиот квартал, додека трговскиот дефицит остварен во првите два месеци од годината засега е умерено повисок од очекувањата за првиот квартал.
Економскиот раст во последниот квартал на 2024 година благо забрза и достигна 3,2%, речиси на ниво на проекциите на Народната банка (3,1%). Расположливите високофреквентни податоци за првиот квартал од 2025 година упатуваат на натамошен, но поумерен раст, при засега послаби движења кај трговијата, градежништвото и туризмот, а посилни во угостителството и индустријата. Ризиците за растот во следниот период од надворешното окружување се претежно надолни, а од домашното окружување и натаму се поврзани со брзината и обемот на остварување на домашните инфраструктурни проекти.
Остварувањата во монетарниот сектор се подобри од очекувањата, што упатува на натамошна посилна кредитна поддршка на економијата. Имено, во согласност со податоците за март, депозитите и кредитите бележат солидни стапки на раст, коишто се повисоки од очекувањата за првиот квартал од годината.
Општо земено, последните остварувања кај клучните макроекономски показатели се главно поволни, но согледувањата за ризиците во однос на нивната идна патека наметнуваат натамошно внимателно водење на монетарната политика. Имено, ризиците поврзани со надворешното окружување се поизразени, а внимателно се следат и домашните фактори коишто можат да влијаат врз побарувачката и ценовната динамика во наредниот период. Народната банка и натаму е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема соодветни мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото и ценовната стабилност на среден рок.
Банки
Народната банка и централната банка на Германијаја продлабочуваат соработката за зајакнување на институционалните капацитети

Гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, оствари средба со г. Бурхард Балц, член на Советот на централната банка на Германија, на која се разговараше за продлабочување на билатералната соработка, со акцент на унапредувањето на институционалните капацитети во клучните области на централнобанкарското работење.
На средбата беше нагласено значењето на постојаната меѓу институционална соработка, особено во делот на размената на експертиза и практики што придонесуваат за градење отпорни институции и приближување до европските регулативи и стандарди. Поддршката којашто Народната банка ја добива од централната банка на Германија е од голема важност во процесот на модернизација и унапредување на експертските и техничките капацитети.
Гувернерот Славески истакна дека Народната банка е целосно посветена на усогласувањето на домашната регулатива и практиките со законодавството на Европската Унија, при што особено важна е соработката со централната банка на Германија.
„Европските перспективи се од големо стратегиско значење за Народната банка, којашто посветено работи на реформски програми и на други стратегиски документи поврзани со интеграцијата во ЕУ. Народната банка постојано се стреми кон навремено воведување на европските стандарди во доменот на финансискиот систем. За овој факт се свесни и релевантните европски институции, коишто ја оценуваат како високо усогласена во подрачјата што се во нејзина надлежност“, посочи гувернерот Славески.

Тој додаде дека Народната банка во изминатите години се профилира како модерна институција со силен капацитет и подготвеност за придружување кон европското семејство. На средбата беше заеднички оценето дека европската регулатива постојано се унапредува, поради што е неопходно следење и применување на најновите регулативни измени и практики.
Во рамките на досегашната соработка, Народната банка и централната банка на Германија остварија бројни активности насочени кон размена на искуства, унапредување на аналитичките алатки и примена на најдобрите меѓународни и европски практики. Покрај обезбедувањето билатерална поддршка, централната банка на Германија е и главен носител на техничката помош од Европскиот систем на централни банки за централните банки од регионот, па во моментов се заокружува втората фаза од оваа помош. Оваа соработка придонесе за натамошно зацврстување на капацитетите на Народната банка, во сите области на работењето.
Балц изрази благодарност за долгогодишната лојална соработка на Народната банка со централната банка на Германија и особено го истакна активниот придонес на Народната банка за напредокот на проектот Западен Балкан во фазата III. Тој нагласи дека регионалната соработка меѓу централните банки и органите за супервизија на банките на Западен Балкан се покажа како ефикасна алатка за усогласување со стандардите на ЕУ и со најдобрите практики на Европскиот систем на централни банки (ЕСЦБ).
Банки
Оставка на член на Управниот одбор на Стопанска банка АД – Скопје

На ден 16 јули 2025 година, Бојан Стојаноски поднесе оставка од позицијата член на Управниот одбор и Генерален директор за управување со ризици на Стопанска банка АД – Скопје.
Стојаноски е дел од менаџерскиот тим на Банката од 2020 година, кога ја презеде функцијата Генерален директор за управување со ризици и член на Управниот одбор. Во изминатите пет години, неговиот придонес беше од значење за унапредување на системите за управување со ризици, како и за севкупната стабилност и раст на Банката.
Бојан Стојаноски има повеќедецениско искуство во финансискиот сектор. Пред да се приклучи на Стопанска банка АД – Скопје, својата кариера ја градеше во Халк банка АД Скопје, каде што успешно раководеше со неколку клучни сектори – Секторот за кредитирање, финансиско управување и планирање, управување со лоши пласмани, средства и ликвидност, како и маркетинг и продажба.
Претходно, беше дел и од КБ Прво пензиско друштво АД Скопје, каде што ја извршуваше функцијата член на Управниот одбор и втор генерален директор.
Стојаноски е магистер по економски науки во областа на финансискиот менаџмент при Економскиот институт на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.
Оставката е поднесена согласно внатрешните процедури на Банката и важечката регулатива. Од Стопанска банка информираат дека ќе бидат преземени сите неопходни чекори за обезбедување континуитет во работењето и навремено информирање на надлежните институции и јавноста.
Според неофицијални информации, се очекува Стојаноски наскоро да го засили управниот одбор на една од поголемите банки во земјава, како дел од неговиот следен професионален ангажман.
Банки
Гувернерот Славески: Новиот модел на надоместоци ќе придонесе за поевтини платни услуги за граѓаните и за компаниите

Советот на Народната банка донесе одлука за воведување нов и поедноставен модел на надоместоци што банките ги плаќаат за користење на услугите на Македонскиот интербанкарски платен систем – МИПС. Како што истакна гувернерот, д-р Трајко Славески, во денешната изјава пред медиумите, со оваа промена се поставува поконкурентна тарифна структура којашто ќе овозможи пониски трошоци за електронски плаќања, со директни придобивки за граѓаните и за компаниите.
„Новото решение е резултат на детални анализи и отворен дијалог со банкарскиот сектор, заради приспособување кон современите пазарни услови и европските практики. Воспоставениот модел ги поедноставува и ги намалува трошоците на банките за порамнување на трансакциите кај Народната банка, што создава простор за намалување и поедноставување на надоместоците што банките ги наплатуваат од граѓаните и од компаниите“, изјави гувернерот Славески.
Одлуката ќе стапи на сила на 1 август, а Народната банка очекува дека банките ќе покажат разбирање за јавниот интерес и за пошироките економски придобивки од достапни и евтини платежни услуги.
Во рамките на подготовките за приклучување кон европската платежна шема СЕПА, Народната банка воведува и нова структура на надоместоците за плаќањата во евра од страна на државните органи со значително пониска цена. Наместо досегашните просечни трошоци од 14 евра по трансакција преку кореспондентни банки, ќе се применуваат фиксни надоместоци од 3 евра за електронски иницирани и од 5 евра за хартиени налози.
„На овој начин праќаме јасна порака – очекуваме пофер и поевтини платни услуги за сите. Народната банка ја поддржува изградбата на ефикасен и конкурентен платен пазар во земјава, во согласност со европските стандарди и во духот на интеграцијата во СЕПА“, истакна гувернерот.
Гувернерот посочи дека банкарскиот сектор е стабилен, и покрај светските предизвици, а Народната банка и во иднина ќе ги води своите политики одговорно и внимателно, заради одржување на финансиската стабилност и за унапредување на платниот систем во земјата.
- Банкипред 3 недели
Стопанска банка АД – Скопје назначи нов Генерален директор за финансии и член на Управниот одбор
- Продуктипред 3 дена
Apple Pay доаѓа во Македонија: Подготовките се во тек, стартот се очекува наесен
- Останатопред 1 недела
Промени во Надзорниот одбор на ПроКредит Банка АД Скопје
- Фондовипред 1 недела
Промени во Надзорниот одбор на КБ Прво пензиско друштво АД Скопје
- Продуктипред 1 месец
Почни го летото со премиум поволности и поголеми бонуси со Visa Gold и Visa Classic од Комерцијална банка
- Банкипред 8 часа
Оставка на член на Управниот одбор на Стопанска банка АД – Скопје
- Продуктипред 4 недели
Халкбанк овозможува кредит целосно онлајн, без шалтер и документација
- Колумнипред 1 недела
Одржливиот развој не е слово на хартија, туку одлуки и активности кои банкарскиот сектор треба да ги направи