Македонија
Герасимовски: На спорното земјиште на улицата Киро Крстевски-Платник ќе никне простор по мерка на граѓаните

Центар ја расчисти спорната парцела зад зградата на улицата „Киро Крстевски – Платник“, каде што претходно беше лоцирана диво изградена конструкција, известуваат од Општината.
„Имавме неколку средби со жителите од околните згради и ќе излеземе во пресрет на нивните барања. Просторот ќе добие намена која ќе биде во функција на граѓаните и по нивна мерка“, изјави градоначалникот Горан Герасимовски.
„Станува збор за простор од приближно 500 м², кој по години неизвесност конечно премина во сопственост на Општина Центар. Благодарение на соработката со Комерцијална банка АД Скопје, која претходно ја имаше оваа парцела под хипотека, земјиштето беше донирано на локалната самоуправа.
Одлуката за прифаќање на донацијата беше едногласно изгласана од Советот на Општината. Со тоа се овозможи уривање на нелегално изградената градба, а Општината ги презеде сите активности за расчистување на теренот.
Следниот чекор е општинските служби, во соработка со локалните жители, да го дефинираат најдоброто решение за уредување на просторот. Целта е создавање похумана и уредена околина, со баланс меѓу зеленило и функционален јавен простор, без нови градби и во согласност со потребите на граѓаните“, соопшти Општината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Вреди“: Парите на скопјани завршуваат на сметка на фамилијата Беџети, додека Скопје тоне во ѓубре и нечистотија

„Вчера ветивме дека многу бргу ќе ѝ ја покажеме на јавноста криминалната шема што ја прикрива коалицијата Данела Арсовска – ДУИ – Левица. Вчера ветивме дека ќе ви го покажеме криминалот. Денес сме тука со конкретни документи.
ЈП Комунална хигиена потпишува Договор со осумнаесет годишниот син на Блерим Беџети, замислете за давање совети за заштита на животната средина. Договор бр. 57254 склучен на 25.02.2025 меѓу ЈП „Комунална хигиена – Скопје“ и фирмата „Веда ДООЕЛ“. Се гледа дека парите ги прима – Валон Беџети, син на Блерим Беџети, кој и се има потпишано. Предмет – „интелектуални услуги – давање на совети за заштита на животната средина“ без јасно дефинирани резултати. Човекот на кого ЈП Комунална хигиена му плаќаат скоро 12.000 евра за совети е осумнаесет годишно дете“, истакнаа на прес-конференција од „Вреди“.
Како што додаваат во реакцијата, со еден потпис, парите на скопјани завршуваат на сметка на фамилијата Беџети, додека Скопје тоне во ѓубре и нечистотија.
Според „Вреди“, овој директор е поставен од другарката на Блерим Беџети, градоначалничката Данела Арсовска.
Оценуваат дека ова е коалицијата на ДУИ, Левица и Димитар Апасиев од кој ќар имаат лично тие, а губат граѓаните на Скопје.
„Истото јавно претпријатие веднаш издава фактура бр. 73818 за истата сума од 775.000 денари за „извршени“ услуги. Фактурата е потпишана од истата посредничка фирма, без доказ дека услугата воопшто е започната а камоли завршена. Рецептот се повторува – втор корисник, близок роднина на директорот на ЈП Комунална хигиена Сабахедин Рустеми. Фактура бр. 73819 која носи ново име: Бесар Саќипи – близок роднина на в.д. директорот на претпријатието, Сабахедин Рустеми. Описот е речиси копи-пејст: „имплементирање нови техники за заштита на животната средина“. Повторно договорени 775.000 денари“, нагласуваат од „Вреди“.
Како што појаснуваат, истиот ден, истата сума, истата шема, овојпат за роднина на човекот што ја контролира касата. В
„Во еден ден по 12.000 евра за синот на Блерим и за роднината на директорот, назначен од Блерим“.
Штетата која е направена како што оценуваат е 1.550.000 денари, еднаква на годишен буџет за нови контејнери во неколку скопски населби.
Бараат од Јавното обвинителство, веднаш да покрене постапка за злоупотреба на службена положба и перење пари.
Од ДКСК, да отвори предмет за судир на интереси и непотизам.
Од МВР – Единица за економски криминал, да направи финансиска истрага на сите плаќања кон „Веда ДООЕЛ“ и поврзаните лица на Блерим Беџети, Данела Арсовска и Диитар Апасиев.
Од Градот Скопје, да го раскине договорот и да побара поврат на средствата, да го разреши директорот на Блерим Беџети и да свика седница на Советот за да ги информира граѓаните за овој скандал на непотизам и корупција.
„Градоначалничке Данела Арсовска, вие лично ги поставивте овие директори, кои знаевте дека се блиски на вашиот другар Блерим Беџети. Денес имате два избора: Прво, да ги разрешите и да поддржите истрага, или да останете соучесници во кражбата од џебот на скопјани.
„Вреди“ ќе продолжи да ја разобличува оваа коалиција на корупција и омраза. Од денес, секој ден ќе објавуваме нов документ за дивоградбите, фиктивните фактури и партиските вработувања што ги храни оваа структура.
Додека Данела, ДУИ и Левица си делат тендери, граѓаните плаќаат двојно: со својот новчаник и со своето здравје. Оваа прес-конференција е прв чекор кон правдата. Следниот чекор е на институциите, ние нема да застанеме додека оваа шема не добие судска разрешница“.
Македонија
Сиљановска-Давкова од „Криволак“: Кога светот е растргнат меѓу војните и надежта, нашата армија демонстрира интероперабилност и подготвеност

Во рамки на вежбата „Immediate Response 25“ (IR 25) на армискиот полигон (АП) „Криволак“, денеска беше реализиран Денот за високи гости.
На настанот присуствуваа: претседателката и врховен командант на Вооружените сили, Гордана Сиљановска-Давкова, претседателот на Владата, Христијан Мицковски, министерот за одбрана, Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, началникот на штаб на Командата на копнените сили на САД за Европа и Африка, генерал-мајор Левон Камптон, командантот на Националната гарда на Вермонт, генерал-мајор Грегори Најт, министри во владата, пратеници од Собранието, амбасадорите на САД, Албанија, Косово, Обединетото Кралство и Црна Гора, генерали од Армијата, високи гости од земјите учеснички на вежбата „IR 25“, воено- дипломатскиот кор, претставници од локалната самоуправа и други гости.
Во своето обраќање претседателката Гордана Сиљановска-Давкова истакна: „Во време на глобални безбедносни закани, кога светот е растргнат меѓу војните и надежта, нашата армија демонстрира интероперабилност, професионалност и подготвеност да дејствува рамо до рамо со сојузниците, во одбрана на слободата, достоинството и човековите права“. Претседателката додаде дека денеска уште еднаш ја потврдивме нашата определба, да бидеме на страната на мирот, но и да сме подготвени, ако и кога е потребно, да го браниме со сите сили.
Министерот за одбрана, Владо Мисајловски порача дека вежбата претставува „јасна демонстрација на посветеноста на македонската Армија кон националната и регионалната безбедност, како и стабилноста на Алијансата“ и дека на овој начин ги унапредуваме способностите за одвраќање и одбрана на НАТО. Министерот ја потенцираше и важноста и стратешката позиција на нашиот полигон за обука „Криволак“, кој е „уникатен капацитет за извежбување со можност за реализација на вежби од големи размери“.
„Вежбата IR 25 е повеќе од демонстрација на борбена готовност и способност, таа е доказ на силата и посветеноста на Алијансата. Неуморната работа на учесниците на вежбата нема за цел само да се подобрат капацитетите и способностите на сопствените единици, туку и да се изгради доверба, интероперабилност и меѓусебно почитување“, истакна генералот Сашко Лафчиски.
Вежбата „Immediate Response 25“ е втората фаза од најголемата вежба на американската армија во Европа, вежбата за „Динамично ангажирање на силите во Европа за одвраќање и зголемена подготвеност на НАТО“ (DEFENDER 25). Покрај седум други европски земји, Република Северна Македонија е една од земјите домаќини, каде што во активностите кај нас се вклучени повеќе од 2200 армиски припадници од седум НАТО земји членки и две земји партнери на Алијансата.
Целите на оваа вежба се повеќекратни, а меѓу најзначајните се: синхронизација на комбинираните вооружени сили и потврда на тактиките, техниките и процедурите за изведување на координирани конвенционални и здружени операции во различни временски услови, како и подобрување на интероперабилноста на декларираните состави преку извежбување со земјите партнери. Дополнително, цел на вежбата е и градење поголема подготвеност и оперативна синхронизираност меѓу армиите на НАТО и партнерските земји низ сложени и симултани операции во повеќе зони, е истакнато во официјалното соопштение.
Македонија
Алијанса за Албанците: Неодговорното однесување на Таравари ги остави здравствените работници на улица

Неодговорното однесување на поранешниот министер Арбен Таравари, кој во служба на своите лични и групни политики ги остави здравствените работници на улица, го достигна својот врв. Тој ќе се соочи со судот на граѓаните на двојните избори во октомври, каде што отчетноста нема да изостане, велат од Алијанса за Албанците.
„Сведоци сме на континуирано незадоволство на здравствените работници и соработници, кои со право реагираат на повеќегодишното одложување на процесот за нивно вработување. Оваа состојба не само што негативно влијае врз моралот и мотивацијата на здравствените работници, туку сериозно го нарушува и функционирањето на јавниот здравствен систем.
Бесмислената и понижувачка игра меѓу Владата, поранешниот министер за здравство и директорот на Клиничката болница во Тетово доведе до понатамошна деградација на фигурата на белите мантили. Оваа институционална неодговорност ги деморализира младите здравствени професионалци, кои сѐ почесто бараат начин да ја напуштат земјата, оставајќи ја државата без суштински човечки ресурси“, велат од АА.
Во меѓувреме, велат од АА, „промената” што ја вети неусогласената и неспособна коалиција ВЛЕН, уште повеќе ја влоши состојбата на овие професионалци, кои денес можеме да ги сретнеме во секоја јавна здравствена установа, без редовен статус и во целосна правна несигурност.
Алијансата за Албанците бара итно свикување на владина седница со единствена точка на дневен ред: итно вработување со решенија на сите здравствени соработници и среден медицински персонал.
„Почнете од Тетово – таму каде што неправдата има најболна форма. Делувајте сега, пред да биде предоцна. Зашто, ако денес ги игнорираме белите мантили, утре ќе ни недостига самата надеж за функционален здравствен систем“, велат од АА.