Како што информираат од собраниската прес-служба, заменик-претседателот на КЕП, Игор Здравковски истакнал дека зацртаната цел за полноправно членство на нашата земја во ЕУ не е само политичка декларација, туку реална акција за исполнување на потребните реформи.
Здравковски се осврнал и на улогата на Собранието во процесот на интеграција, нагласувајќи ги надлежностите на КЕП во таа насока.
Амбасадорот Риголе посочил на интензивираната билатерална соработка во последниот период, меѓу другото и на ниво на парламенти, нагласувајќи го притоа интересот на Франција за интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ, што е од посебно значење во период на поместувања на геополитички план.
Францускиот амбасадор упатил и на потребата од правилна интерпретација на, како што рече, компромисот од 2022 година или т.н. француски предлог, посочувајќи притоа дека е мошне важно да се деблокира пристапниот процес за нашата земја, што е во интерес на сите засегнати страни.
Тој оценил дека за Македонија е од клучна важност да се качи на добриот воз во процесот на проширување, заедно со земјите кои брзо напредуваат.
Пратениците од КЕП и францускиот амбасадор размениле мислења и за спроведувањето на Реформската агенда, за одговорноста на сите политички фактори за ЕУ-интеграцијата, како и за важноста од приоритизација на реформите во одредени области, како што се владеењето на правото или правата на малцинските заедници.