Првиот данок за метеж во Америка стапи на сила во Њујорк. За
влез во центарот на градот, возачите на автомобили ќе плаќаат и до девет долари
дневно, а таксите за другите категории возила се различни.
Зоната на метеж, каде што се наплаќа патарина, се протега
јужно од Централ Парк, околу познатите локации како Емпајер Стејт Билдинг,
Тајмс Сквер и Волстрит.
Њујорк, познат по густ сообраќај, сака да собере милијарди
долари со овие даноци за дополнителен развој на мрежата за јавен превоз.
Сепак, идејата наиде на отпор, а меѓу противниците е и
њујорчанецот Доналд Трамп, новоизбраниот претседател на Америка.
Идејата беше предложена пред две години од Кети Хочул, гувернерката
на државата Њујорк, но имплементацијата беше одложена и планот беше ревидиран
поради поплаки од поединци и компании.
Повеќето возачи ќе плаќаат 9 долари на ден за да влезат во
зоната на метеж за време на шпицот, а 2,25 долари во други периоди од денот.
Малите камиони и автобуси, кои не носат луѓе на работа, ќе
платат 14,40 долари за да влезат на Менхетен за време на шпицот.
Надоместокот за поголеми камиони и туристички автобуси ќе
биде 21,60 долари.
Здруженијата на таксистите протестираа, а можеби најголемиот
противник е Трамп, роден Њујорчанец кој вети дека ќе го укине данокот веднаш
штом ќе ја преземе функцијата.
Минатата година Њујорк втора година по ред беше прогласен за
најзафатена урбана област во светот, според податоците на INRIKS, компанија за
анализа на податоци за сообраќајот.
Просечната брзина на движење на Менхетен за време на
утринскиот шпиц е 17 км/ч, се вели во извештајот.