Израелски медиуми: Делегацијата се враќа од Париз со умерен оптимизам

24. 02. 2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Израелски медиуми: Делегацијата се враќа од Париз со умерен оптимизам

Израелска делегација се враќа од разговорите во Париз за примирје со умерен оптимизам дека може да се постигне договор за привремено прекинување на борбите со Хамас во Појасот Газа и ослободување на израелски и странски заложници, јавија израелските медиуми, повикувајќи се на неименуван функционер.

Функционерот, чија изјава ја пренесуваат повеќе портали, вели дека е постигнат „нацрт-договор“ со Хамас за привремен прекин на огнот во Газа, објави „Тајмс оф Израел“.

- Имаше добри разговори, има значителен напредок. Имаме основа за да изградиме план и преговори, ја цитира Канал 12 изјавата на функционерот.

Изворот вели дека нацртот прво ќе биде претставен на одобрување до воениот кабинет, а потоа и до остатокот од владата. Весникот „Марив“ објави дека воениот кабинет ќе се состане вечерва за да слушне вести од Париз.

Следната фаза од разговорите, според изворот, ќе се фокусира на централното прашање за тоа кои заложници ги држат милитантните групи во Газа и кои палестински затвореници ќе бидат ослободени како дел од прекинот на огнот, како и деталите на времетраењето на прекинот на огнот.

„Џерусалем Пост“, повикувајќи се на два извори запознаени со содржината на преговорите за примирје, претходно јави дека за време на состанокот во Париз меѓу претставниците на САД, Израел, Египет и Катар, е договорен нов и ажуриран нацрт-договор за ослободување на израелските заложници кои ги држи Хамас во Појасот Газа.

Изворите објасниле дека постигнатиот напредок би можел да овозможи премин на преговори за деталите од договорот, како што се бројот и идентитетот на затворениците кои ќе бидат ослободени.

Тие исто така рекле дека воениот кабинет на Израел сега очекува да добие информации од преговарачкиот тим и да одлучи за понатамошните чекори, што би можело да се случи уште вечерва./МИА

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата