Слован испиша историја во Словенија, Малус доаѓа во Скопје по освоен трофеј

Екипата на Слован од Љубљана за првпат во својата историја се закити со шампионската титула во Словенија, откако славеше во вториот финален натпревар против Горење со конечни 29-26. 

Слован е петти клуб кој се закитил со шампионскиот трофеј од независноста на Словенија во 1992 година и испиша нова славна страница во своето постоење. Најдобар поединец кај победникот беше Леон Лјевар со седум гола, а два помалку додаде Кенан Пајт. Во таборот на Горење најмногу се истакна Урбан Пип, кој впиша девет погодоци зад своето име. 

На вечната листа најдобар клуб е Целје Пивоварна со 26 титули, Горење има пет, а по еднаш трофејот го кренаа тимовите на Слован, Пруле и Копер.

Токму од екипата на Слован засилување доведе и нашиот Вардар 1961, чиј ростер следната сезона ќе биде збогатен за средниот бек, Јака Малус.