ГОГ Гудме покажа класа, Еурофарм Пелистер немоќен за сензација во ЛШ

Младинскиот тим на Еурофарм Пелистер не успеа да направи подвиг и со пораз од ГОГ Гудме (21-36) испадна во полуфиналето на Ф4-турнирот за млади во Лигата на шампионите, кој е увертира за сениорите во Келн.

ЕХФ направи новитет најдобрите млади екипи од Европа да играат на завршницата, а Еурофарм Пелистер до последниот настан ги мина романски Динамо Букурешт и полски Киелце. Иако сонуваше сензација со ГОГ, сепак, данскиот тим се покажа за класа подобар од македонскиот.

Имаа пелистерци егал само на стартот, додека беше 4-4, а потоа со четири гола во серија, ГОГ замина на 4-8. И оттогаш почна да ја гради предноста за победа. Беше 7-12, па 8-14, а до паузата се задржа плусот од пет гола (12-17). На стартот на вториот дел новата криза во нападот на пелистерци донесе и двоцифрен плус за ГОГ (13-23) кој оттогаш не падна и растеше.

Најдобар стрелец кај ГОГ беше Емил Соренсен со осум гола, а Виљас Карбо имаше шест, додека кај пелистерци, Алем Хаџиќ и Карло Буторац стрелаа по четири пати.

Еурофарм Пелистер заради поразот ќе игра за третото место на младинскиот Ф4-турнир. Ривалот ќе биде познат по второто полуфинале, а дуелот е закажан утре (недела) од 9:00 часот исто така во Дормаген.

ФОТО/PHOTO: Kolektiff