Намалени Американски Држави

29.04.2025 02:14
Намалени Американски Држави

Доналд Трамп од слоганот „да ја направиме Америка повторно голема“ создаде движење, а речиси сè што прави откако пред помалку од сто дена повторно стана станар на Белата куќа води кон тоа да ги направи Соединетите Американски Држави што помала држава.

Буџетите на државните агенции драстично се намалуваат и луѓето се отпуштаат, планира да го укине федералното Министерство за образование (нешто што не може да го направи само со претседателска одлука, туку за тоа е надлежен Конгресот, па засега се задоволува со отпуштања), се гасат сите оддели кои имаат врска со иницијативата DEI (разновидност, еднаквост, вклученост), идејата за борба против климатските промени и женските права.

Од неодамна, преку „Њујорк Тајмс“ кој прв ја објави веста, беше најавено дека на удар ќе биде и Стејт департментот, едно од симболите на американската глобална моќ. Според нацрт-предлогот на буџетот на Стејт департментот, односно Министерството за надворешни работи, изработен внатре во самиот Стејт департмент за фискалната 2026-та година (која почнува на 1 октомври), неговиот буџет би требало да биде речиси преполовен.

Поточно, според нацртот, Стејт департментот за своето функционирање ќе побара 28,4 милијарди долари, што е за 26 милијарди долари помалку од сегашниот буџет. Уште од овој податок е јасно дека не станува збор за краткорочни кратења, туку за длабоко засекување, со целна ампутација.

Портпаролката на Стејт департментот, Тами Брус, се обиде да ја минимизира сериозноста на нацртот, изјавувајќи пред новинарите дека „не постои конечен план, конечен буџет или динамика“. Таа ја префрли одговорноста на Белата куќа и на Трамп, наведувајќи дека тие „продолжуваат да работат на буџетскиот план и на она што ќе биде доставено до Конгресот“.

Таа исто така спомена дека државниот секретар Марко Рубио „ја потврди нашата целосна посветеност кон НАТО, како и претседателот на Соединетите Американски Држави“. Рубио на социјалната мрежа Икс порача дека она што го објави „Њујорк Тајмс“ е лажна вест.

Но, „лагите“ што ги објави познатиот американски дневен весник добро се вклопуваат во вистината за тоа како Трамп ги води САД. Неколку дена по објавата на веста од страна на „Њујорк Тајмс“, „Блумберг“ (финансиска и медиумска компанија со економски либерални ставови која е во лоши односи со Трамп) објави дека имал увид во документ од 16 страници.

Ќе страда речиси сè што има врска со меѓународната соработка.

Нацртот предвидува укинување на Канцеларијата за меѓународни организации (надлежна и за ОН и нивните агенции). Мисиите на САД при меѓународни тела како што се ОЕЦД и УНИЦЕФ би требало да бидат припоени кон локалните дипломатски претставништва. Остатоците од USAID – огромната агенција за развој и меѓународна помош, која Трамп и Маск речиси ја уништија – би биле приклучени кон Стејт департментот.

Во нацртот нема многу за хуманитарната помош (што е логично, бидејќи и нема да има многу), но програмите кои се занимаваат со тропски болести, обезбедување вакцини за деца во земјите во развој и унапредување на здравјето на мајките и децата во одредена мера би требало да останат. Се предвидува „реорганизација“ на канцелариите што ги покриваат Индо-пацифичкиот, Латиноамериканскиот, Блискоисточниот и Евроазискиот регион, а во тој контекст ќе бидат затворени повеќе „неесенцијални“ амбасади во субсахарска Африка.

Се споменуваат Еритреја, Јужен Судан, Република Конго, а во Европа амбасадите на Малта и во Луксембург. Посебно е интересен случајот со Канада, каде се предвидува намалување на бројот на вработени во амбасадата во Отава и спуштање на конзулатите во Монтреал и Халифакс на пониско ниво.

Но, тоа не е сè. Ќе страда и „Фулбрајт“, клучната програма за културна и научна размена и важна алатка на американската мека моќ. Фулбрајтовите стипендии се сметаат за најпрестижни на глобално ниво, а формално ги доделува Стејт департментот. „Реформираните“ стипендии во иднина ќе се доделуваат „исклучиво за магистерски студии во дисциплини поврзани со националната безбедност“, а акцентот ќе биде на „критични“ јазици.

Стипендиите што се доделуваат за студирање на Универзитетот Хауард во Вашингтон се планира целосно да се укинат.

Станува збор за еден од историските универзитети за афроамериканското население, создаден за нивното образование, особено во времиња на изразена расна нееднаквост и сегрегација. Укинувањето на тие стипендии е дел од пресметката со сите иницијативи поврзани со DEI.

Од нацртот е јасно дека Трамп има намера да ја разруши секоја идеја за меѓународна соработка и мултилатерализам, а за револверашко водење надворешна политика засновано на односи „еден на еден“, пари и (при)сила, голем и разработен систем не му е потребен.

Поранешниот американски амбасадор во Москва, Мајкл Мекфол, нацртот го сумираше со една реченица – „огромен подарок за Комунистичката партија на Кина“.

Карикатури: Becs

Извор: https://www.portalnovosti.com/