Гарсија: Во преговарачкиот процес пречки може да има и од други земји
Промената на уставот е услов за да продолжат преговорите, но не значи и крај на пречките на патот кон ЕУ- услови и барања може да има и од други земји. Ова е ставот на шпанскиот амбасадор во земјава Хозе Луис Лозано Гарсија.
Во интервју за Радио Слободна Европа, на прашање дали уставните измени се гаранција дека Бугарија нема да поставува дополнителни услови, тој вели:
- Дали тоа ќе значи крај на пречките? Не сакам да пратам песимистичка порака, напротив. Можеби ќе има други услови и барања од други земји, но на крајот работите ќе добијат друга димензија и важност. Што ќе значи ова? Дали ова ќе биде последна пречка? Можеби ќе има многу други пречки. - изјави тој.
Амбасадорот на Шпанија, земјата која претседава со ЕУ до крајот на годинава, ги коментира и различните ставови на власта и опозицијата, за годишниот извештај на Европската комисија.
- Дали чашата е полуполна или полупразна, зависи дали си власт или опозиција. Логично е и мора да сме свесни за тоа. - изјави Лозано Гарсија.
И додека промената на уставот е невозможна мисија, прашањето кое го поставуваат експертите е како во иднина ќе се спроведува европската агенда ако не се постигне политички консензус за неа.
- Ова е примерот кој што го учиме. Не само во однос на уставните измени. Бидејки, ние, ако не изградиме поширок консензус, некое постабилно парламентарно мнозинство, кое што ќе мора да испорача тешки реформски закони, тогаш веројатно ова нема да биде и последната сопка на која ќе застанеме. - вели Симонида Кацарска, директорка Институт за Европска политика.
Кацарска прогнозира нестабила и тешка 2024година. Вели искуството покажа дека Македонија нема најдобри перформанси во години на избори.
Од друга страна во рамки на ЕУ, Европскиот Совет во март ќе биде последниот на кој што ќе се носат одлуки, пред европските избори. Проценките на експертите ширум ЕУ, се дека Европарламентот ќе се заврти на десно, што не е добро сценарио за Македонија.
Од јануари пак, Белгија ја презема палката за претседавање со Европската Унија.