1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаУнгарија

Петер Маѓар: Зошто противникот на Орбан е толку успешен?

Кено Верзек
21 април 2025

Поранешниот член на Фидес и сегашен ривал на Орбан, Петер Маѓар, во моментов е најпопуларен политичар во Унгарија. Неговата партија Тиса стои подобро во анкетите од Фидес на Орбан. Која е тајната на успехот на Маѓар?

https://p.dw.com/p/4tMaE
Пeтер Маѓар е најсериозниот конкурент на Орбан
Пeтер Маѓар е најсериозниот конкурент на ОрбанФотографија: Marton Manus/REUTERS

Без разлика на кое место и да се појави во Унгарија – луѓето се собираат околу него, му аплаудираат, сакаат да се ракуваат и да се фотографираат со него, или да му кажат дека  не може веќе вака и дека тој е нивната голема надеж.

Тој, кого некои луѓе деновиве во Унгарија го обожуваат како месија - е Петер Маѓар, 44-годишен адвокат од Будимпешта, нов на политичката сцена и човек кој би можел да го победи авторитарниот долгогодишен владетел Виктор Орбан на парламентарните избори пролетта 2026 година.

Маѓар, маж со младешки изглед, најчесто облечен во фармерки, бела кошула и патики, во моментов според анкетите е најпопуларниот политичар во Унгарија. Редовно собира стотици илјади луѓе. Тој со недели е на турнеја низ унгарските градови и села - за разлика од Орбан, кој се фали дека е „селски дечко“ и „уличен борец“, но ретко може да се види на улица. Партијата Тиса на Маѓар во моментов ужива и до осум процентни поени поголема поддршка од Фидеs на Орбан. Иако со тоа сè уште не е на повидок крај на системот на Орбан, сепак е јасно дека голем број Унгарци се незадоволни од корумпираниот и самобендисан премиер и сакаат промена на власта.

Луѓето го слават унгарскиот опозициски водач Петер Маѓар на митинг во Будимпешта, 8 јуни 2024 година
Луѓето го слават унгарскиот опозициски водач Петер Маѓар на митинг во Будимпешта, 8 јуни 2024 годинаФотографија: Bernadett Szabo/REUTERS

Расте незадоволството од Орбан

Виктор Орбан без прекини владее од 2010 година. До сега никому не успеа даунгарија создаде таква атмосфера на промени како на Маѓар. Како го постигна тоа?

Многу Унгарци веќе подолго време се незадоволни од системот на Орбан. Премиерот и еден круг на луѓе околу него водат сметка речиси исклучиво за нивната клиентела, која сочинува околу една третина од гласачите во земјата. За нив се воведени даночни олеснувања и други финансиски поволности, тие добиваат функции во државата и администрацијата, нивните фирми профитираат од договори со државата. Сите останати си пробиваат пат низ системот како знаат и умеат, или пак живеат во несигурни услови.

Спротивно на реториката на Орбан, дека во Унгарија сè е подобро отколку на други места во ЕУ, јавната инфраструктура во голем дел е во лоша состојба - од лоши патишта до запуштени болници и училишта, до хаотична администрација.

Излезот на Маѓар од системот

Сè поочигледните двојни аршини на Орбан на крајот придонесоа за подемот на Петер Маѓар. Аналитичарите и порано предвидуваа дека Орбан и неговиот систем нема да бидат загрозени од левичарски и либерални опозициски партии, туку од некој од внатре - и така и се случи. Пред околу една година, тогашната претседателка Каталина Новак и лидерката на листата на Фидеs за европските избори, Јудит Варга, поранешна министерка за правда, мораа да си поднесат оставка бидејќи помилуваа човек осуден за помагање и и сексуална злоупотреба на деца, што предизвика големо огорчување во јавноста. Маѓар, поранешниот сопруг на поранешната министерка Варга, по оставките даде долго интервју кое го следеа милиони гледачи, во кое ги осуди двојните аршини на системот на Орбан. Маѓар до тој момент имаше неколку профитабилни, но политички неважни позиции во власта на Орбан и беше познат главно само како сопруг на позната политичарка.

Јудит Варга, поранешна министерка за правда и поранешна сопруга на Пeтер Маѓар
Јудит Варга, поранешна министерка за правда и поранешна сопруга на Петер МаѓарФотографија: Szilard Vörös/EST&OST/IMAGO

Тој рече дека интервјуто го дал за да „излезе од системот“ бидејќи веќе не можел да ги поднесе лагите. Кога набрзо потоа стана мета на владините медиуми, тој реши да влезе во политиката и да се кандидира на европските избори во јуни 2024 година и на парламентарните избори во 2026 година.

Вешто политички маркетинг

Тој ја презеде веќе постоечката мала партија Тиса, основана пред неколку години на локално ниво, но без политичко значење. Наскоро партиското име го направи ПР-бренд: името на партијата е акроним за „Почит и слобода“, но и името на реката Тиса, која игра исклучително важна улога во унгарската култура и националната митологија.

Познат слоган на митинзите на Маѓар, придружен со тапани кои бијат во ритам со говорот, е: „Доаѓа потопот од Тиса!“ Орбан и Фидес прво почувствуваа колку моќна може да биде таа на европските избори во јуни 2024 година. Тиса освои речиси 30 отсто од гласовите, а Фидес 44, односно забележа пад од осум проценти.

Маѓар веќе води вешта политичка кампања. Тој ја презеде реториката на Орбан и Фидес, триковите во кампањата и поголемиот дел од нивната содржина. Клучните разлики се на пример неговиот проевропски став и ветувањето дека Унгарија ќе се приклучи на Европското јавно обвинителство (ЕППО). Со ова Маѓар ја поврзува најавата за решителна борба против корупцијата и истрага против Орбан и неговите олигарси заради злоупотреба на положбата и кражба на народни пари.

Проблематичен однос кон новинарите

Во однос на прашањето за миграцијата, Маѓар сака да ја продолжи политиката на Орбан - но истовремено го обвинува премиерот за двојни стандарди, бидејќи довел десетици илјади странски работници од земји надвор од ЕУ. Неговите настапи имаат популистичка конотација слична на Орбан, но Маѓар внимава главно да пренесува позитивни пораки, наместо постојано да ги подбуцнува луѓето, како што тоа го прави Орбан. Маѓар се се чини успешно се претставува како искрен и подобар национално-конзервативен политичар кој се грижи за единството на унгарската нација.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан
Унгарскиот премиер Виктор ОрбанФотографија: Ludovic Marin/AFP/Getty Images

Понекогаш делува арогантно и нарцисоидно. Во јуни 2024 година, тој во лутина ги напушти вестите во живо на телевизијата АТВ бидејќи не му одговараа критичните прашања. Набргу потоа фрли мобилен телефон на непознато лице во Дунав бидејќи го снимал на приватна забава. Покрај тоа за време на разводот објави тајно снимен приватен разговор со поранешната сопруга.

Но, сето тоа не му наштети. До сега Маѓар успева да се претстави како борец за правда, кого режимот на Орбан најрадо би сакал да го отстрани. Во тоа веројатно му помага и тоа што медиумите лојални на власта секојдневно водат претерани кампањи против него, кои дури и на многу поддржувачи на Фидес им делуваат неверодостојни.

Во моментов се во тек консултациите за членството на Украина во ЕУ. Орбан сака Унгарците да се изјаснатпротив. Петер Маѓар го пресретна и илјадници активисти на Тиса лично го посетија секој унгарски град и село и собираа прашалници, меѓу другото и за Украина. Резултатот е дека 58 проценти од Унгарците гласаа за членство на Украина во ЕУ. Одговорот на Орбан на Фејсбук следеше многу брзо со зборовите дека „проукраинската партија Тиса“ склучи „пакт со Брисел“. Орбан вели дека тие ја предаваат „иднината на Унгарија во рацете на Брисел во замена за власт“ и дека тоа не смее да се дозволи.

Унгарија и милијардите од ЕУ