Чупиќ: Вардар е мојот втор дом, оваа понуда не се одбива

Иван Чупиќ и официјално е нов предводник на Вардар откако денеска потпиша договор со „црвено-црните“. Поранешниот крилен ракометар е горд на предизвикот пред него, потпишувајќи двогодишен договор со двократниот европски првак.

„Пред се благодарност до мојот клуб Метковиќ, кој лани ми даде шанса да водам самостојно екипа и да собирам искуство. Сепак, кога дојде повик од Вардар, тоа е мојот втор дом – не можам ниту да одбијам ниту пак размислував многу кога ја добив понудата. Горд сум што ја добивам оваа шанса, сите знаете што значи за мене Вардар, МАкедонија, Комити….. Она што можам да ветам – дека не јас, туку целата моја екипа за следната сезона мора да бидеме горди, да имаме голема одговорност и мораме да бидеме почестени што го претставуваме Вардар, овој голем клуб. Сакам со мојот стручен штаб на играчите да им ја пренесам ентузијазмот и стравопочитта што го носи амблемот на Вардар. Знаеме дека Вардар е поголем клуб од било кој поединец, од претседателот, па се до најмладиот играч. Со голем ентузијазам влегувам во овој проект, да ги оствариме зацртаните цели, по три години да ја вратиме титулата во Скопје“, изјави Чупиќ на својата промоција.

Хрватот воедно најави и дека клубот нема да има дополнително засилувања во наредниот период ако се знае дека клубот веќе ги договори сите засилувања за добро да биде покриен на сите позиции.

„Клубот работеше напорно на нови играчи уште пред моето доаѓање, ги знам имињата на тие што ќе дојдат и можам да кажам дека сум задоволен од тимот што ќе го имам на располагање. Не ми требаат дополнителни засилувања, знам дека и домашната лига е силна, дека имаме сериозни ривали, но јас секогаш велам дека е подобро да се игра и да се работи под притисок отколку да се нема никаков притисок“, додаде новиот тренер на Вардар.

Првиот човек на клубот, Михајло Михајловски, не го криеше задоволството од ангажманот на Чупиќ за нов тренер.

„Сите го паметите Чупко како една од легендите на Вардар, играч со кого два пати стигнавме до титулата во Лигата на Шампионите, играч кој го даде голот за победа онаа прва титула во ЛШ. Имавме доста комбинации за тренер, но мене најмногу ме импресионираше што Чупиќ уште како играч искажуваше одредени тренерски амбиции, сакаше да се наметне… кога се разделувавме воопшто не беше спорно тој да остане или да си замине, туку од финансиски причини дојде до разделба. Тој при таа разделба побара од мене еден ден да се врати како тренер на Вардар. Јас претходно имам одбивано вакви понуди од други поранешни играчи, но по заминувањето на Милано ми се појави идеја, имавме четири сериозни опции од странство и тројца од Македонија, но со еден разговор со Чупиќ веднаш се договоривме“, истакна Михајловски.

Се вчитува...