Македонија
Филипче: Велеа дека лидерска е губење време, па обвинуваат за моноетничност, ги повикувам повторно

Јас повикав на средба со сите претседатели на политичките партии и, да ве потсетам, претседател на една албанска партија рече дека тоа би било губење време (се мисли на Таравари), а сега нè обвинуваат за некаква моноетничка средба. Ова го истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање поврзано со обвинувањата од албанскиот блок на политичките партии дека вчерашната средба во Владата со премиерот Христијан Мицкоски е план за моноетничка соработка.
„Јас на тој состанок го претставував СДСМ, а премиерот Христијан Мицкоски ВМРО-ДПМНЕ, и ние се состанавме како лидери на двете најголеми партии во македонскиот блок. Притоа премиерот Мицкоски беше првиот што без забелешка и единствен што ја прифати поканата за средба“, истакна денеска Филипче од Струмица.
Тој уште еднаш упати јавен повик до сите политички партии за организирање лидерска средба.
„Апсолутно, сметам дека треба да продолжиме во следниот период во насока на организација на средба на лидерите на сите поголеми политички партии. Ова нека биде уште еден мој повик до сите партии бидејќи јас тука не гледам никаква потреба да се делиме на македонски или албански блок кога станува збор за интересите на државата“, потенцира претседателот на СДСМ.
Филипче истакна дека никој нема право да го обвинува Социјалдемократскиот сојуз на Македонија за етнички или националистички политики или пристап имајќи предвид дека во извршниот одбор на СДСМ има Албанец, Македонка муслиманка, а во следниот период ќе има и Ромка.
Претседателот на СДСМ повтори дека вчерашната средба со премиерот била конструктивна и на неа било договорено формирање заеднички тела или групи што ќе работат на подготовката на законите од реформската агенда, со фокус на правосудството, енергетиката и стратешките проекти во здравството, а кои треба да стигнат во Собранието.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЦУК: Поради силниот ветер повторно се разгорени пожарите кај Велес и Македонски брод

Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека до 18:00 часот, денеска се евидентирани вкупно 25 пожари на отворен простор низ територијата на државата. Од нив, 6 се сè уште активни, 1 е ставен под контрола, додека 18 се успешно изгаснати.
Од ЦУК посочуваат дека поради силен ветер повторно се разгоре пожарот кај селата Џидимирци – Крушје – Иванковци (Општина Велес). Гори мешана нискостеблеста деградирана шума, а пламените јазици се прошируваат во неколку правци.
Ветерот, исто така, повторно го активирал и пожарот помеѓу селата Црешнево, Локвица и Крапа (Општина Македонски Брод), каде што гори деградирана дабова шума, грмушки и ниска вегетација.
Покрај овие, активни пожари се регистрирани и на следните локации:
Општина Василево – с. Нивичино (нискостеблеста шума)
Општина Македонски Брод – с. Грешница (мешана шума и ниска вегетација)
Општина Прилеп – помеѓу селата Царевиќ и Смолани (мешана шума и ниска вегетација)
Општина Желино – шумски пожар
Според последните информации, под контрола е ставен пожарот во с. Фалише, Општина Тетово, каде што гори ниска вегетација.
Македонија
ЦУК: Пожарот во Желино е ставен под контрола

Благодарение на брзиот и координиран ангажман на сите екипи и ресурси на терен, пожарот кој избувна на територија на општина Желино и се движеше во правец на Еребино во моментов е ставен под контрола, информира директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али.
„Состојбата и понатаму се следи внимателно, а екипите остануваат на терен сè додека не се елиминира целосно ризикот од повторно активирање“, кажа тој.
Градоначалникот на Желино, Блерим Сејдиу, во изјава за медимуите изрази сомнеж дека пожарот е подметнат. Според информациите кои ги добил од пожарникарите најдени биле запалени гуми од возила.
Пламените јазици зафатија десетици хектари нискостеблеста шума и сува вегетација.
Македонија
(Видео) Алиу најави реформа на Мој Термин – побрз, поедноставен и подостапен систем

Министерот за здравство, Азир Алиу денес имаше работна средба со директорот на Управата за електронско здравство, Фикрет Шабани, на која се разговараше за предизвиците во функционирањето на системот Мој Термин и новините кои се планирани во оваа област.
-Системот Мој Термин е едно од местата каде што нашите граѓани најмногу ја чувствуваат потребата од брза, достапна, правична и транспарентна услуга. Еден од нашите приоритети е реформа на Мој Термин, со цел креирање поедноставен, побрз и подостапен систем. Правиме платформа што не создава бариери, туку отвора врати, што функционира во реално време и им дава на граѓаните сигурност дека се приоритет, изјави министерот Алиу.
Тој посочи дека многу скоро оваа промена граѓаните ќе ја почувствуваат не само на екраните, туку и во нивното секојдневие.