Гајдов: „Огромен е придонесот на СДСМ за изградбата на затворен Градски пазар во Велес“

Обраќајки им се на сите велешанки и велешани, каде и да се, Кирил Гајдов како член на советничката група на СДСМ, им го честита како што рече денешниот голем ден 9 Ноември-Денот на ослободување на Велес и Ден на општина Велес посакувајќи им добро здравје, среќа, многу успеси на личен и на деловен план и благосостојба. Гајдов исто така додаде дека советничката група била горда што во чест на големиот празник, се пушти во употреба новиот затворен Градски пазар поради огромниот придонес на СДСМ, од периодот кога тие ја предводеа локалната власт поточно периодот од 2017 до 2021 година.
„Затворениот Градски пазар е најголема локална капитална инвестиција во Велес во последните 30 години. Макотрпен беше патот што моравме да го изодиме од идеја до реализација.Да ве потсетиме. Во 2017 година наследивме изготвена основен проект и многу грешки во чекори. Имено, во функција на изборната кампања од тогаш претходниот градоначлник Чадиев, наследивме криминално распишан тендер и незаконски склучен договор со изведувач за изградба на челична конструкција, како објектот да треба да се гради од покрив, а не од темели и со незаконски издадено одобрение за градба, заради тоа што општина Велес не беше корисник на градежното земјиште. Затоа моравме прво да ги исправиме грешките. Прв услов беше да донесеме Детален урбанистички план кое траеше скоро 2 години. По донесување на истиот ,од државата добивме право на користење на градежното земјиште каде што е пазарот, кое по катастрофална грешка во периодот пред 2017 година било отстапено на ЈКП Дервен, рече Гајдов.
Тој појасни дека дури тогаш се исполниле условите за издавање легално, законско одобрение за градење.
„На барање на локалната власт предводена од СДСМ, Владата, за што и изразуваме огромна благодарност, ни додели 40 милиони денари за изградба на горниот дел од пазарот. Бидејќи вкупната инвестиција беше предвидена на 84 милоини денари одма почнавме постапка за обезбедување на преостанатите 44 милиони денари. Со поддршка само на советничката група на СДСМ се донесе одлука за заем од Светска банка под многу поволни услови. По многу макотрпна работа заемот ни беше одобрен и со тоа финасиската конструкција за изградба на Градски пазар беше затворена, заедно со малку преостанати средства од Буџетот на Општина Велес. Горниот дел од пазарот беше завршен во 2021 година со што и продавачите и купувачите времено добија многу, многу подобри услови за продавање и купување.Како резултат на успешното водење на проектот од Светска банка во 2017 година ни беше одобрен грант од 12 милиони денари со кој се изгради водоснабдителнот систем за село Сопот, од кој ќе се водоснабдува и винаријата Шато Сопот, а потоа и едно помало противпожарно возило,“ додаде Гајдов.
Советникот Гајдов обраќајки им се на велешани рече дека овие информации ги споделувале со цел да биде соопштена вистината или за да се знае кој каков придонес дал за изградбата на пазарот.
„Иако на крај сето тоа ќе се заборави. Најважно е дека Велес од денес го има најубавиот и најфункционалниот пазар во Македонија. Овој ден е голем ден за сите нас. Во име на Советничката група на СДСМ, на граѓаните на Велес и на околните општини, бидејќи пазарот има регионално значење заради централната положба на Велес, им посакувам со здравје да го користат, а на нашиот убав Велес му посакувам што повеќе вакви големи капитални инвестиции во иднина, за секојдневно што повеќе да го подобруваме квалитетот на живот,“ додаде Гајдов.
Тој исто така посака успешна и среќна работа на покриениот Градски пазар како за земјоделските производители така и за граѓаните кои ќе пазарат.
Убавка Јаневска
