ПO КАТЕГОРИИ
НАЈВАЖНО
ПО ИНТЕРЕС
ПО ФАКУЛТЕТИ
14.10.2022
Турција предвиде казна до три години за дезинформации
Автор: Goce Author

Казна затвор до три години за ширење дезинформации предвидува новиот закон усвоен во Турција. Замолчување на критичарите во Турција или борба за вистина?

Турскиот парламент синоќа усвои Закон што наводно има за цел борба против лажните вести и дезинформациите, со оспорувани одредби што предвидуваат и затворски казни за ширење дезинформации.

Донесувањето на законот беше проследено со многу реакции во јавноста и сомневање дека целта не е борба против дезинформации туку замолчување на критичарите.

Најконтроверзната одредба во новата легислатива, членот 29, предвидува казна затвор до три години за ширење информации што се „спротивни на вистината” за прашања од областа на безбедноста, јавниот ред и здравјето во Турција, односно ширење дезинформации што наводно имаат намера да предизвикаат загриженост и паника во јавноста.

Опозицијата соопшти дека новата легислатива е со цел замолчување на критичарите на власта пред јунските претседателски и парламентарни избори. Критичарите предупредуваат дека корисниците на социјалните мрежи може да бидат притворени доколку споделат содржина која власта ја смета за лажна.

Оние што велат ‘има сиромаштија’ ќе одат во затвор. Оние што велат ‘има корупција’ ќе одат во затвор”, изјави Енгин Алтај, пратеник од главната опозициска Републиканска народна партија.

Законот од 40 членови беше усвоен од владејачкото мнозинство во Парламентот. Во мнозинството се пратеници на Партијата на правдата и развојот на претседателот Реџеп Тајип Ердоган и нејзините коалициони партнери.

На гласањето му претходеа бурни седници во Парламентот, со спротивставувања на пратениците од опозицијата. Тие во неколку наврати ја прекинуваа расправата и го осудуваа новото законско решение, кое го нарекуваа „закон за цензура“.

Ердоган се заложи за усвојување на Законот, истакнувајќи дека лажните вести и растечкиот „дигитален фашизам” се закани за националната и глобалната безбедност.

80 години од кодификацијата на македонскиот јазик одбележани во Брисел
Богатите повеќе придонесуваат за глобалното затоплување