Повторно запалена депонијата Острец во Делчево

Градската депонија Острец од утрово повторно гори со засилен интензитет. Причина за запалувањето, како што информираа од делчевското комунално претпријатие, е човечки фактор заради што, најавуваат, ќе биде поднесена кривична пријава.

– При редовна обиколка на теренот наши екипи забележале собирачи на пластика и железо во близина на запалената депонија заради што ќе поднесеме кривична пријава.
Наши вработени со градежни машини и во моментот се на терен и работат на затрупување на депонијата со земја, информираа од претпријатието.

Нагласија дека ова не е прв пат поради човечки фактор да се случува вакво нешто на депонијата.

Чадот што се шири од депонијата од утрово најмногу е забележлив од жителите на делчевското село Габрово, но миризбата на запалено констатно е присутна и во самиот град Делчево.