Екипата на Вардар е освојувач на пехарот во Купот на Македонија. Во вечерашното финале против Струга ТЛ, „црвено-црните“ го скршија проклетството кое траеше цели 18 години, и конечно, се закитија со овој пехар победувајќи со 2-0. Во меѓувреме од едниот до другиот Куп трофеј, Вардар освојуваше титули, но никако не можеше да го крене Купот. тоа им успеа вечерва со одлична игра против доскорашниот шампион.
Вардаровиот јунак е Михаил Талевски. Младиот фудбалер со два гола му го донесе овој голем успех на Вардар, по кој „црвено-црните“ од битка за опстанок, на крајот стигна до излез во Европа.
Струга ТЛ почна подобро, имаше и една опасна ситуација по изведен корнер кој создаде голема конфузија во дефанзивата, но не успеа да погоди.
Следуваше казната во 26. минута. Вардар проби по десната страна преку Јанкулов, не внимаваше никого на него, а тој нафрли до Талевски кој од десетина метри ја смести топката во долниот лев агол.
Голот како да ги „потона“ стружани уште повеќе, па така следуаше нова закана од Вардар, не толку сериозна, но на крајот топката ја погоди стативата по ударот на Донгмо во 39. минута од средбата. Струга ТЛ никако не успеваше да се „разбуди“ од примениот гол, како да делуваше шокантно, па со нетрпение го чекаа крајот на полувремето.
Но, наместо да се сменат работите на подобро за Струга ТЛ, се случи обратното. Повторно не внимаваа на Михаил Талевски, а вардаровиот херој во 49. минута ја дуплираше предноста за Вардар, а тоа значеше дека трофејот беше на добар пат кон „црвено-црните“ витрини.
Се обиде Илчо Ѓорѓиоски и со измени, да фрли се на една карта внесувајќи ги и Компаоре и Кехинде, но тоа не промени многу во нападот. Во средината влезе и Спировски, влегоа и Ламине и Зенку, ама ефект, кога станува збор за брзо враќање, немаше.
Кехинде имаше шанса во 85. минута откако со глава се обиде, меѓутоа Талески беше на место и не дозволи да има драма во финишот.
Овој трофеј е потврда за одличната форма на вардаровиот тим во пролетниот дел од сезоната, кога тимот избори сигурен опстанок, а сега успеа со трофејот во Купот да избори и европско лето, во квалификациите во Лигата на Конференции.
ФИНАЛЕ НА КУП НА МАКЕДОНИЈА 2024/25
ВАРДАР – СТРУГА ТЛ 2-0 (1-0)
Национална Арена „Тодор Проески“ во Скопје. Гледачи: 8000.
Судија: Игор Стојчевски.
Стрелци: Талевски 26’, 49’
Ж. Картони: Маневски (В)
ВАРДАР: Талески, Маневски, Матиќ, Сенгор, Јанкулов, Донгмо (72’ Мато), Босанчиќ (90′ Дурански), Тодоровски (61’ Најдовски), Закариќ (90′ Спахииу), Талевски, Омерагиќ.
СТРУГА ТЛ: Ќосевски, Влајковиќ, Кривањева, Радиќ (70’ Ламине), Илиевски, Бојку, Касами (49’ Спировски), Хамза (70’ Зенку), Шабани, Укпа (49’ Компаоре), Радески (49’ Кехинде).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА