Не знам дали знаете, но во Бугарија има Комитет во кој што членуваат претставници на малцинствата – Роми, Турци и Ерменци. Зарем ние Македонците кои што имаме 14 пресуди од Судот за човекови права во Стразбур за ОМО Илинден-Пирин не заслуживме место во тој Комитет? А тие заслужија место во нашата Преамбула. Додека не видам Македонец таму кој што е дел од тој Комитет, а треба сите заедно да работиме, нема ниту милиметар да се мрднам, додека сум премиер на оваа Влада, изјави денеска претседателот на Владата, Христијан Мицкоски како одговор на пратеничко прашање на Оливер Спасовски од СДСМ во однос на евроинтеграциите на Македонија и условот за уставни измени и внесување на Бугарите во Уставот.
По ваквата изјава, Мицкоски доби аплауз во Собранието од страна на пратениците и министрите кои доаѓаат од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Премиерот информира и дека за помалку три часа, министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски ќе има билатерална средба со американскиот државен секретар, Марко Рубио. Муцунски е во САД на прослава по повод годишнината од Дејтонскиот договор.