Двајца вработени во израелската амбасада во Вашингтон биле убиени во среда вечерта (21 мај) додека си заминувале од настан во Еврејскиот музеј. Полицијата соопшти дека осомничениот, кој е во притвор извикувал: „Слободна, слободна Палестина“ .
„Двете жртви, маж и жена, си заминувале од настан во Еврејскиот музеј во Капитал кога осомничениот се приближил до групата од четворица и отворил оган, изјави началникот на Метрополитенската полиција Памела Смит на прес-конференција.
Осомничениот, идентификуван како Елијас Родригез, 30 години, од Чикаго, бил забележан како шета надвор од музејот пред пукањето, потоа влегол во музејот по пукањето и бил приведен.
Осомничениот не бил на ниеден список за безбедносно следење и немало зголемени безбедносни закани пред пукањето, соопштија официјални лица. Исто така, пронајдено е и огнено оружје.
Израелскиот амбасадор Јехиел Лајтер изјави дека жртвите биле млад пар.
Американскиот државен обвинител Пам Бонди, која беше на местото на настанот со американската обвинителка Џанин Пиро, изјави дека разговарала со американскиот претседател Доналд Трамп неколку пати во текот на ноќта.
Трамп ги осуди убиствата на социјалната мрежа „Truth social“:
„Овие ужасни убиства во Вашингтон, очигледно засновани на антисемитизам, мора да престанат, СЕГА! Омразата и радикализмот немаат место во САД. Сочувство до семејствата на жртвите. Жално е што вакви работи се случуваат! Бог да ве благослови сите!“, напиша Трамп.
Портпаролката на израелската амбасада во Вашингтон, Тал Наим Чоен, изјави дека членовите на персоналот биле застрелани од непосредна близина додека присуствувале на настан во Еврејскиот музеј во Вашингтон.
„Имаме целосна доверба во спроведувањето на законот, и локалните и федералните, дека ќе го уапсат напаѓачот и ќе ги заштитат претставниците на Израел и еврејската заедница низ целите Соединети Држави“, рече таа.
Директорот на ФБИ, Кеш Пател, изјави дека тој и неговиот тим се информирани за пукањето.
„Додека работиме со Метрополитенската полиција за да одговориме и да дознаеме повеќе, ве молиме- молете се за жртвите и за нивните семејства“, напиша тој на платформата X.
Израелскиот претседател Исак Херцог изјави дека е „скршен“ од инцидентот во Вашингтон.
Минатата недела, Еврејскиот музеј на Америка беше една од локалните непрофитни организации во Вашингтон на кои им беа доделени 500000 долари во грантовска програма за зголемување на безбедносните мерки.