Македонија
Работна посета на министерот Муцунски на Кралството Шведска

Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, во наредните два дена ќе престојува во работна посета на Кралството Шведска, на покана на шведската министерка за надворешни работи, Мариа Малмер Стенергард.
Во рамки на посетата, покрај билатералната средба со министерката Стенергард, предвидено е министерот Муцунски да оствари средби и со министерката за европски прашања, Џесика Розенкранц, како и со државниот секретар за меѓународна развојна соработка и надворешна трговија, Хакан Јеврел.
Во шведскиот Парламент – Риксдаг, министерот ќе се сретне со Шерштин Лундгрен, трет заменик-претседател на Риксдагот. На средбата ќе присуствуваат и високи претставници и членови на парламентарните комисии за надворешни работи и европски прашања, како и членови на Групата за пријателство и соработка со Собранието на Република Северна Македонија.
Во рамки на престојот, министерот Муцунски ќе оствари средби и со претставници на македонската дијаспора, како и посета на црквата „Св. Наум Охридски“ во Малме.
Целта на посетата е интензивирање на севкупните билатерални односи преку зајакнување на политичкиот дијалог и продлабочување на економската соработка меѓу двете земји. Во фокус на разговорите ќе бидат унапредувањето на билатералните односи, реафирмирањето на шведската поддршка за европската интеграција на Република Северна Македонија, како и размена на мислења за клучни регионални, европски и глобални прашања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ДУИ: Селективната правда го разорува демократскиот поредок

Никогаш досега правдата не била толку понижена и ставена под целосна команда на политичката власт, велат од ДУИ.
„Случајот во Кочани и тишината околу урбаната катастрофа во Чаир се живи докази дека Јавното обвинителство е претворено во покорна алатка на извршната власт.
Во Кочани, по трагедија што го потресе целото општество, истрагата е затворена без ниту еден партиски функционер да биде повикан како осомничен иако е јасно за секој граѓанин дека одговорноста е директна и лежи врз Министерството за внатрешни работи и надлежните институции.
Молкот на обвинителството е форма на политичка амнестија и навреда за жртвите и нивните семејства.
Во Чаир, во реално време се случува урбан криминал.
Повеќе од 150 бесправни градби без статички проекти, без сеизмичка проценка, со нелегално поврзување на струја и без пристап за пожарна или брза помош се живи закани за илјадници граѓани.
Луѓето што купиле станови таму не можат да спијат мирно поради страв за животите на своите деца и семејства..
Ова веќе не е селективна правда ова е укината правда, диригирана, контролирана, и свесно насочена против интересот на граѓаните.
А кога правдата молчи таму каде што треба да зборува, таа станува соучесник на криминалот“, стои во соопштението на ДУИ.
Македонија
Ново мултифункционално спортско игралиште со терени за тенис во Општина Аеродром

Општина Аеродром го добива првото мултифункционално спортско игралиште, на кое покрај фудбал и кошарка, ќе може да се игра и тенис.
Станува збор за игралиште кое е сместено во срцето на Ново Лисиче и кое ќе биде целосно реконструирано за првпат од неговата изградба пред неколку децении.
В. д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, заедно со пратеничката Катерина Димитровска извршивија увид во отпочнувањето на реконструкцијата.
Ова игралиште ќе добие сертифицирана мултифункционална подлога, за безбедна игра и спортување.
Она што е ново е тоа дека подлогата е соодветна и за играње тенис, со што аеродромци за првпат ќе добијат современо спортско игралиште со јавни тениски терени, кои со поставување на специјални мрежи ќе можат да се прилагодуваат според потребите на граѓаните.
Аеродром е позната како општина каде што владее врвен спортски дух и токму во тој правец ќе продолжиме и во иднина да создаваме уште подобри услови за развој на спортот во секој дел од нашата општина.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДС и Филипче ја уништија надежта на младите, немаат кредибилитет да зборуваат за младите

СДС и Филипче ја уништија надежта на младите, немаат кредибилитет да зборуваат за младите, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„СДС и Филипче, им ветија на младите нов студентски град и нови студентски домови, а не добија ништо.
СДС и Филипче, им ветија на младите дека ќе ги вратат заминатите од странство, а не успеаја.
СДС и Филипче, ветуваа реформи во образованието, а не успеаја да обезбедат книги за учениците, добивме пад на Шангајската листа на УКИМ и единствен успех им беше укинување на екстерно.
СДС и Филипче, ветуваа стартап село, а не добивме ништо од ова.
СДС и Филипче, ветуваа покачени стипендии, за на крај да не ни исплаќаат стипендии, а за најдобрите студенти и ги укинаа.
СДС и Филипче, секојдневно ги лажат младите кои очигледно не им веруваат.
Затоа, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, се грижи за младите со новиот оперативен план вреден 40 милиони евра, се ставаат во план младите до 29 години, реконструкцијата на студентските домови до 2026 година – проект вреден 17 милиони евра, ваучери од 250 евра за секој студент за нов електронски уред, како и помош до 30000 евра за стартап за младите до 29 години, студентски оброк ќе добијат и постдипломците и студентите на интегрирани студии од државните и приватните универзитети, а зголемен е студентскиот стандард во споредба со 2024 година за 18%, додека пак ученичкиот за 12%.
Ова е разликата помеѓу оние кои работат за младите и оние кои зборуваат напразно“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.