Астрономи кои ја истражуваат можноста за постоење на деветта планета во Сончевиот систем тврдат дека пронашле „одличен кандидат“ – далечен објект зад орбитата на Нептун, што би можел да биде првиот конкретен доказ за долго теоретизираната Планета Девет. Откритието е засновано на анализа на стари сателитски податоци, каде што истражувачите идентификувале инфрацрвен објект кој се движи на начин што одговара на движење на голема, далечна планета.
Иако моментално станува збор само за точка на неколку инфрацрвени снимки, нејзината постојаност и движење ги возбудиле научниците. „Бев многу возбуден“, изјави водечкиот автор Тери Фан, докторант по астрономија на Националниот универзитет „Цинг Хуа“ во Тајван, за списанието Science. „Тоа многу нè мотивираше“.
Наодите беа објавени на 24 април и се прифатени за објавување во списанието Publications of the Astronomical Society of Australia. Сепак, новото тврдење беше пречекано со доза скептицизам од некои водечки астрономи. Меѓу нив е Мајк Браун, еден од првите што ја предложија хипотезата за Планетата Девет во 2016 година. Браун изјави дека новооткриениот објект има орбита наклонета околу 120 степени во однос на рамнината на Сончевиот систем, значително повеќе од очекуваните 15–20 степени за Планетата Девет.
„Ова не значи дека објектот не постои“, изјави Браун за Science, „но значи дека не е Планетата Девет. Не верувам дека оваа планета би имала какво било влијание врз динамиката на Сончевиот систем што моментално ја набљудуваме“.
Хипотезата за Планетата Девет беше предложена за да се објаснат неправилните орбити на некои објекти во Кајперовиот појас, регион на мраз и камен на рабовите на Сончевиот систем. Сепак, научната заедница сè уште очекува директни докази. Во потрагата по нови траги, тимот на Фан ги анализирал архивите на инфрацрвени податоци од два нефункционални сателити: IRAS (1983) и AKARI (2006–2011). Тие барале бавно подвижни објекти, карактеристика што се очекува од далечна планета.
По исклучување на познатите објекти, истражувачите идентификувале еден потенцијален кандидат со иста боја и светлина на двете снимки, индикатор дека станува збор за истиот објект. Сепак, потребни се дополнителни набљудувања за да се потврди неговата орбита и природа. Браун предупредува дека ако инфрацрвениот сигнал навистина е планета, неговата орбита не е компатибилна со хипотетичката Планета Девет и потенцијално би укажувала на сосема поинаков, досега непознат објект.
Научната дебата околу деветтата планета ќе продолжи и во наредните години. Но, нова надеж носи Опсерваторијата Вера Ц. Рубин во Чиле, која се очекува да започне со работа до крајот на 2025 година. Со најголемата дигитална камера досега и способноста да набљудува длабоко во вселената, таа би можела конечно да ја потврди, или негира Планетата Девет.