„За младоста“ – за која толку многу не знаеме
Според една линија на теорија и критика која се однесува на книжевноста за млади, таа книжевност е всушност „во заложништво на возрасните“. Критичарите кои го делат ова мислење помалку или повеќе сметаат дека помеѓу младите читатели и возрасните автори постои дистанца која станува се понепремостива. На една страна се младите во нивните светови и релации, често прилично дистанцирани и недостапни (потполно вирални). На друга се авторите кои имаат патронизирачки однос и самоувереност дека можат „да допрат“ во тој свет, но во суштина немаат достапност до затворените светови на младите.
Иако, популарноста на извесни книги за млади со милионски тиражи говори друга приказна, сепак останува факт дека младите, кога сакаат, можат да создадат и живеат во вирален свет, јазик и релации кои остануваат потполно непробојни. Додека ворасните (родители, старатели, браќа, сестри, професори…) остануваат во наивна илузија за вредностите ставовите, но и чувствата со кои живеат нивните деца и млади.
Лин Скобер во „За младоста“ во одличен превод од норвешки на Искра Бадева која неодамна ја објави „Чудна шума“ прави обид да ја пробие таа дистанца. Да создаде книга од младите за младите и себеси се претвара во помалку или повеќе, уредничка.
Имено, како што самата пишува во предговорот, создава раскази кои се напишани од млади луѓе со кои се запознавала и се дружела и чија доверба ја доживува како чест и привилегија која ѝ била овозможена.
„Работејќи на оваа книга, ми беше дозволено да разговарам со младите луѓе кои се наоѓаат среде ова важно време. Успеав да се дружам со нив во кафулињата, да седам со нив во парковите, и на кејовите и ме пуштаа во нивните соби за да слушнам што имаат да кажат за тоа како е да се биде млад.
Се разбира, не успеав да го опфатам целиот период на младоста, како и би можела? На крајот на краиштата, јас сум возрасна и никогаш не можам вистински да станам дел од ова тајно друштво. Но, бев блиска со нив, тие ми се отворија и слушнав многу убави, долги, смешни и тажни прикани за тоа како се одвива животот во нивните новоопремени соби.
Некои од текстовите се засновани на реченици што ги кажале младите, други се мешавина од повеќе различни приказни се базираат на чувства што ми ги објасниле а многу од цитатите во книгата се пренесени од збор до збор“.
Скобер не делува лажно скромно кога е свесна дека „не може да биде дел од тоа тајно друштво“. Но, нејзината искрена љубопитност, отвореност и непатронизирачки однос другата страна ја препознава и нивната доверба резултира со оваа одлична книга. Би можела да теоретизирам за жанровските испреплетености и сл, но тогаш овој текст би ја промашил поентата на книгата – чија цел е да се почувствува процесот и јазикот на растењето и на адолесценцијата ( а никако да се теоретизира неговата форма и јазик).
Подолу би издвоила два од моите омилени раскази.
Лени Фрчкоска