Македонскиот народен театар по регионалната турнеја веднаш продолжи со својата динамична програма. Вчера на IV Театарски фестивал „5РЕ“ во Велес, на сцената на театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ настапи со актуелната претстава „12“, по мотивите на Реџиналд Роуз (12 Angry Men), во адаптација и режија на Синиша Евтимов.
Како што соопштија денеска од МНТ, во согласност со едногласната одлука на жири-комисијата, во состав на Александар Георгиев, Александар Ивановски и Миле Вратеовски, претставата на фестивалот во Велес стана добитник на наградата за најдобра претстава во целина и наградата за најдобра режија.
-Актерите во „12“: Ѓорѓи Јолевски, Гораст Цветковски, Тони Михајловски, Никола Ристановски, Благој Веселинов, Александар Микиќ, Игор Џамбазов, Јордан Симонов, Нино Леви/Сенко Велинов, Оливер Митковски, Владо Јовановски и Сашко Коцев, досега ги освоија домашниот и меѓународниот аудиториум со својата силна социјална порака и извонредна актерска игра, а овие награди се дополнителна сатисфакција за освојување нови признанија, се наведува во соопштението од МНТ.