Македонија
(Видео) Петрушевски: Слаѓан Марковски од Гостивар, активист на СДС фатен со 12 пакувања кокаин и кеш

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски обвини за нов скандал со дрога на активист на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.
„СДС не може глава да крене од скандали со дрога на нивни членови. Нов скандал на повидок од страна на член на СДС, кој пред 2 дена бил фатен со дрога. На 09.05.2025г, од информации добиени од свиркач, бил уапсен Слаѓан Марковски од Гостивар, активист на СДС, кој бил фатен со 12 пакувања кокаин и кеш. Ова е веќе сериозен проблем во редовите на СДС. По Јон Фрчковски, Андон Стојков, сега повторно член на СДС, Слаѓан Марковски, фатен со 12 пакувања дрога“, рече Петрушевски.
На прес-конеренција денес Петрушевски јавно го праша лидерот на СДСМ, Венко Филипче дали е се откаже од Слаѓан Марковски, Андон Стојков и Јон Фрчковски.
„Македонската јавност има право да знае, а легитимно е да прашаме, дали Филипче има некаква поврзаност со членовите кои беа фаќани со дрога изминатиот период? Дали можеби и тој е влезен во некоја шема со дилање на дрога?“, праша Петрушевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Љутков: Јубилејната поштенска марка е потсетник дека македонскиот јазик живее и трае

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска, во Порта „Македонија“ се обрати на промоцијата на јубилејната поштенска марка по повод 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик со зборовите: „Човек без јазик е како дрво без корен“.
„Со овие зборови го почнувам денешното обраќање бидејќи нема ништо поважно за еден народ од неговиот јазик. Тој не е само средство за зборување, тој е срцето на нашата историја, борба и љубов кон зборот, кон коренот, кон татковината. Затоа, да се грижиме за јазикот, значи да се грижиме за себе, за иднината на нашите деца и за споменот на нашите предци“, рече Љутков.
Тој додаде дека со денешната промоција на специјалната поштенска марка му оддаваме чест на нашиот македонски јазик.
„Во овој свет на брзи комуникации и дигитална ера се чини дека поштенската марка е нешто од минатото. Но, не, таа е токму спротивното. Таа е сведоштво на трајноста. А македонскиот јазик е токму тоа – трајна вредност, што ги преживеала времето, притисоците и обидите за негирање. Затоа оваа поштенска марка има огромно значење. Таа ќе патува низ светот и ќе раскажува за осум децении јазична зрелост, за генерации писатели, поети, научници и наставници што го градеа и го збогатуваа македонскиот јазик. Истовремено, ќе биде и потсетник дека македонскиот јазик живее и трае. Има своја историја, своја убавина и своја сила“, рече Љутков.
Министерот Љутков на крајот од своето обраќање порача: „Да продолжиме да го негуваме македонскиот јазик со истиот идеал што го водеше Конески – со тивка сила, со длабоко чувство за одговорност и со верба дека зборот е столб на идентитетот“.
Македонија
Ѓорѓиевски: Почнува целосна реконструкција на мултифункционалното игралиште и на детското катче кај трим-патеката

Започна целосна реконструкција на мултифункционалното игралиште и детското катче лоцирани кај трим патеката во населбата 11 Октомври – Згради, со што младите од овој дел на Кисела Вода добиваат современ спортско-рекреативен простор.
Ќе се постави нов полипропиленски под, ист како оној што се користи на летните Олимписки игри, а ќе се изградат и трибини, ќе се постават нови кошеви и фудбалски голови. Во исто време, темелно ќе се обнови и постојното детско катче, кое беше во руинирана состојба и небезбедно за користење. По завршувањето на проектот, оваа локација ќе се трансформира во модерен комплекс за спорт, рекреација и безгрижна детска игра. Реконструкцијата е заедничка инвестиција на Општина Кисела Вода и Министерството за спорт, најавија од Општина Кисела Вода.
-Поддршката и мотивацијата на младите да живеат здраво и активно, секогаш е во нашиот фокус.
Токму затоа посветуваме значаен дел од ресурсите во спортската инфраструктура во нови или реконструирани терени и игралишта, што е инвестиција во здрави генерации.
Игралиштето кое се наоѓа во населбата 11 Октомври-Згради, покрај трим патеката, ќе добие полипропиленски под, кој официјално се користи за летните Олимписки игри.
Добива и трибина, нови кошеви, голови за фудбал – сѐ на сѐ еден модерен спортски комплекс за здраво живеење.
Комплетно го реконструираме и детското катче кое се наоѓа во непосредна близина на игралиштето, кое беше значително руинирано и небезбедно.
За многу скоро од денес, дечињата добиваат уште едно ново катче каде што ќе го поминуваат своето време во непречена детска игра и смеа.
Создаваме спортско-рекреативен простор за младите од овој дел на Кисела Вода каде што ќе можат да се дружат, рекреираат, спортуваат и да учат важни животни вештини преку игра – изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Македонија
(Видео) Зошто Мицкоски го штити началникот Томо Донев, прашува Костовски по трагедијата во Кочани

Зошто Обвинителството ги амнестира од одгворност сите актуелни полициски функционери на ВМРО-ДПМНЕ од најголемата трагедија во историјата на Македонија, пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 62 млади луѓе, а 200 беа повредени? Дали Обвинителството ги заштитува од одговорност овие луѓе по наредба на Христијан Мицкоски? Зошто Христијан Мицкоски лично и директно ја попречува истрагата за Кочани, праша Мартин Костовски од СДСМ.
Дополнително, праша дали се плаши дека доколку Обвинителството постапи во согласност со законот, истрагата за пожарот ќе доведе до него.
За Костовски, нејасно е зошто од истрагата е изоставен Томо Донев, кој до несреќата повеќе од една година е началник за криминалистички работи во Кочани.
„Дали и Донев, како и другите полициски функционери на ДПМНЕ во Штип и во Кочани, е дел од параполициските партиски структури на ВМРО-ДПМНЕ, кои рекетираат и аминуваат криминал во Источна Македонија?
Дали Томо Донев е изоставен само затоа што е член на ВМРО-ДПМНЕ и редовно ги посетувал состаноците на партијата во Кочани?
Како е можно и покрај сите информации што ги имала полицијата, службени белешки од полициски службеници, објави на социјални мрежи дека во дискотеката нелегално се користат пиротехнички материјали, началникот за криминалистички работи, кој е надлежен за сите инспектори во Кочани, да не одговара за катастрофалниот пропуст на полицијата, кој доведе до ситуација во која 62 лица го загубија својот живот, а 200 да бидат повредени?
Како е можно да нема одговорност кај полицијата за нелегалната употреба на пиротехнички материјали“, додаде Костовски.
Оценува дека токму Томо Донев е по херархија надреден во отсекот за оружје, експлозиви и опасни материи во Кочани, кој морал по закон да врши надзор над употребата на пиртотехника во градот.
„Како е можно и покрај сите јавно објавени фотографии од дискотеката ‘Пулс’, на кои се гледа дека нелегално се користи пирхотеника, никој да не направи надзор и контрола дали оние што управувале со пиротехниката имаат дозвола за ракување со неа?
Дали партијата е пред правдата?
Дали личните интереси на Христијан Мицкоски се поважни од солзите на мајките во Кочани?
До кога Обвинителството ќе молчи пред фактите и доказите, кои упатуваат на кривична одговорност кај голем број актуелни полициски функционери“, вели Костовски.
СДСМ, како што нагласи, нема да запре со име и презиме да ги именува оние што ја завија Македонија во црно.