Јазикот на модата: Револуционерните модни парчиња што ги одбележаа изминатите декади

31 јануари 2023

Во декадите што сме ги оставиле зад нас, се случиле многу револуционерни промени во секое поле, технологијата, културата, политиката, социјалните норми...

Додека светот добивал нов општествен облик, модата зборувала на свој начин. И тогаш, и денес преку неа се одразувала секоја голема промена на која што човештвото се привикнувало на свој начин.

Од високите платформи во 70-те, до бикините со висок струк во 40-те, секоја декада си имала свое револуционерно парче.

Да се вратиме 100-тина години наназад, па да ја разгледаме секоја декада што досега изминала.


1900 – Корсет

Едвардискиот период е времето на корсетот, чија што задача освен естетска за обликување на телото, била и медицинска. Во тој период од голема важност било правилното држење на телото. Тоа испраќало суптилен сигнал за статусот на индивидуата. Кон крајот на декадата, се појавува долната облека слична на денешните мидери и се губи потребата од стегната женска силуета во форма на песочен часовник.


1910 – Хобл здолниште

Следната декада е препознатлива по таканараченото хобл здолниште чиишто рабови достигнувале речиси до стапалото. Ова парче било многу популарно и покрај тоа што го отежнувало одењето. За хобл здолништето "виновник" е францускиот дизајнер, Пол Поаре, таткото на високата мода. Хобл имаше краток век, но затоа ултра долгите палта и чизмите со тантела од 1910-те наоѓаат место до ден денес.


1920-те Флапер стил

Веднаш штом се споменат 20-те години, пред очи ни доаѓа препознатливиот флапер стил на облекување. Пердуви, фустан што слободно паѓа, детали со мониста, ракавици. Токму во оваа декада Коко Шанел го преставува својот мал црн фустан којшто сам по себе е модна револуција. Со неговата едноставност и елеганција, црната боја добива ново значење – поим за нешто модерно и шик.


1930 - Дијагонален пресек

Филмот добива огромна популарност во 30-те, а со тоа и модата што ја диктираат големите ѕвезди на екраните. За модната револуцијата во оваа декада заслужен е дијагоналниот пресек кај фустаните, зад кој што стои Медлин Вајонет. Со помош на оваа техника во шиењето, ткаенините слободно паѓаат врз телото, што води до максимална женственост и елеганција. Џин Харлоу, Бет Дејвис и Џоан Крафорд најдобро го промовираат овој стил на висока и нежна силуета, а зборот гламур почнува да ја оформува својата дефиниција.


1940-те Бикини

Можеби една од најголемите модни револуции во изминатиот век се бикините. Никој речиси не можеше да предвиди дека токму 40-те ќе донесат костим за капење во два дела. Во време кога ткаенините беа ограничени поради војната, се појавува францускиот дизајнер Луј Реар со дводелно решение, кое што се осмели да го пресече под папокот. Токму овој момент ќе биде тешко прифатлив од јавноста и во декадите што следуваа.


50-ти Нов изглед

Во 1947, Кристијан Диор го претстави Новиот изглед (New Look) што ќе ја оформи следната декада. Силуета со ултра тенок струк, истакнати гради и волуменозно здолниште од тафт беше токму она што му требаше на поствоениот, воздржан свет. Дури и полесната облека што ќе стане вообичаена за жените од средната класа потоа, задржува голем дел од оваа женственост-фустани до половината, структурирани џемпери и здолништа под колената.


1960-ти Мини здолниште

Шеесетите се препознатливи по многу работи. Но, кога станува збор за модата не може да се заобиколу фактот дека мини здолништето ѝ даде ново значење на декадата – слобода. Оваа модна револуција немаше да се случи без Мери Кванд, дизајнерка од Лондон, која едноставно морала да им ја даде слободата на девојките со прекрасни нозе. Со самото појавување наидоа на негативни коментари, но и покрај нив мини здолништето опстои и стана огромен моден тренд.


1970-те Потпетици на платформа

Фармерките стануваа пошироки, потпетиците повисоки, а синтетичките ткаенини ги преплавија бутиците за време на диско ерата. Сепак потпетиците на платформа беа еден вид на норма за кул дечките што гордо танцуваа во дискотеките, од типот на Студио 54. Светкавите ѕвонарки и јаките бои исто така го имаат својот момент во 70-те, како и опуштената цветна облека на хипиците и панк аутфитот предводен од Вивиен Вествуд.


1980-ти Хеланки

Аеробик и хеланки, она без што не можеа да се замислат 80-те. Стегачи за нозе, кои повеќе имаа моден отколку практичен момент, како и стегачите кои се носеа на главата. Деловниот стил еволуираше во костуми со пренагласени раменици. Овој тренд си имаше своја приказна – жените во големите корпорации порачуваа дека нивниот глас треба да биде слушнат. Сепак хеланките беа насекаде и во сите бои и гордо го диктираат аеротрендот.


1990-ти Минимализам

Младите во 90-те беа предводници на гранџ стилот, којшто во голема мера ќе го оформи минимализмот. На ова ќе се надоврзе Марк Џејкобс со неговата револуционерна пролет/лето колекција во 1993-та за Пери Елиз. Младите со широко отворени раце ги прифаќаат вреќастите пантолони и цветните принтови. Минимализмот чукна на голема врата – слип фустани, лесни ткаенини и палета на црна, сива и бела боја владееше на сите модни писти. Тука се оформи и хип-хоп трендот кој стана и мејнстрим, кога MTV генерацијата се обидуваше да ги копира големите имиња од овој музички стил.

2000-те Тренерка за секоја прилика

Почетокот на новиот милениум ѝ даде ново значење и на тренерката. Велур тренерки се носеа насекаде, па дури и на црвениот тепих. Џенифер Лопез, Парис Хилтон, Бритни Спирс парадираа во овој тренд во различни бои. Голи, добро тонирани стомачни мускули, маички со впечатливи натписи и камионџиски капчиња се испреплетуваа со тренди тренерките што би било подобро да останат засекогаш во 2004-та.

Поминаа повеќе од 100 години, а модата зборуваше низ декадите, на својот уникатен начин.

Зад овие револуционирени модни парчиња ќе се крева прашина уште долго време, а за следните останува да видиме.

Фото: Pinterest

Објавено:
31 јануари 2023
Категорија: 
Култура
Прочитано:
520 пати