„Љубовта кон македонскиот јазик се роди од потребата да се поврзам суштински со луѓе кои беа потиснувани само затоа што го зборуваа својот јазик“, изјави Сотирис Минас, кој дојде од Атина специјално за настанот „Македонско-грчки поетски координати“ во рамки на второто издание на Деновите на поезијата, кои, во организација на фондацијата „Ацо Шопов“, се одржаа од 19 до 21 мај на неколку локации во Скопје.
– За мене тоа беше морална позиција, изјави најновиот афирматор на македонската книжевна реч во денешна Грција: Ако кај Македонците е посеан страв да го зборуваат својот јазик, тогаш еден Грк ќе го научи и ќе го зборува тој ист јазик по свој избор – и тоа со гордост. Како што го проучував јазикот, дојде и литературата – пред сè поезијата. Открив неверојатен литературен свет, исполнет со емоции, историска меморија и човечка достојност. Тоа беше поезија што заслужува да се слушне – не само затоа што е естетски вредна, туку затоа што ја носи душата на еден народ. Мојата ангажираност со македонскиот јазик и литература е сега дел од мојот идентитет. Тоа е чин на солидарност и отпор кон заборавот, неправдата и потиснувањето, рече Сотирис Минас.
Со неговиот соговорник, македонски поет и научник Иван Антоновски, тие отворија низа прашања од македонско-грчките поетски врски, во кои јазикот игра клучна улога. Говореа за Рацин и Полидури, за Конески и Валетас, за Шопов и Рицос, за Урошевиќ и Гогу, за Ѓорѓо Димоски и Џиџа, за Танчевa-Златева и Думба и за многу други грчки и македонски поети кои граделе и градат мостови помеѓу двете соседни култури. Минас прочита негови препеви од грчката поезија на македонски јазик, како и негови препеви од македонската поезија на грчки јазик, меѓу кои и извадок од книгата „На Грамос“, од Ацо Шопов, поради која на времето, на нашиот поет му бил забранет влез во соседната земја. Тоа покажува дека условите се менуваат на добро и дека, како што истакнаа соговорниците, „денес постојат нови можности за соработка и за претставување на македонската поезија во Грција, како и на грчката поезија на македонски јазик“.
„Допирот на генерациите“, кого Ацо Шопов во свое време го промовираше со многу жар, и што е една од идеите-водилки на Деновите на поезијата, стана кристално јасен со Санде Стојчески и Павлина Атанасова, претставници на две генерации македонски поети, чии зборови и стихови се вкрстија во „Диптихот“ кој го водеше Јулијана Величковска, како и со настанот насловен „Во дослух со Шопов“ со кој се затворија овогодишните Денови на поезијата. На него, под модераторство на Владимир Мартиновски, декан на Филолошкиот факултет, настапија петмина афирмирани современи поети со чии стихови македонската поезија го пречекори прагот на третиот милениум: Зоран Анчевски, Славе Ѓорго Димоски, Гордана Михаилова-Бошнакоска, Раде Cилјан и Иван Џепаровски.
Свеченото отворање на Деновите на поезијата, пак, беше посветено на значајни јубилеи во историјата на македонската поезија: Димитар Миладинов (215 години од раѓањето), Григор Прличев и Константин Миладинов (195 години), Славко Јаневски и Лилјана Чаловска (105 години), Гого Ивановски (100 години), Абдулазис Ислами, Фахри Каја и Бистрица Миркуловска (95 години), Адем Гајтани и Саме Лимани Жарноски (90 години) Игор Исаковски (55 години), како и Георги Сталев кој пред еден месец го прослави својот 95. роденден.
Со своите богати и разновидни содржини, второто издание на Деновите на поезијата ја отелотвори идејата на Шопов дека „Поезијата е и стварност и фантазија, мит на јавето за блиското и далечно минато, за блиската или уште подалечна иднина“. Како што најавија организаторите следната година Деновите на поезијата ќе се одржат под мотото „Поезијата е еден од можните одговори на прашањето на животот“.