1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСоединети Американски Држави

100 дена Трамп: САД зафатени од „виор“

Карла Блајкер
29 април 2025

Републиканецот Доналд Трамп е претседател на САД веќе 100 дена. Кои од неговите ветувања ги спроведе во дело? И што мислат Американците за промените во нивната земја?

https://p.dw.com/p/4ti8a
Доналд Трамп
Доналд Трамп по втор пат ја раководи со САД од Белата куќаФотографија: Nathan Howard/REUTERS

Со инаугурацијата на 20 јануари 2025 година, Доналд Трамп стана претседател на Соединетите Американски Држави по вторпат. Оттогаш толку многу работи се променија во американската политика што 100 дена изгледаат како речиси неверојатно краток временски период за - целосен пресврт на земјата од 180 степени. Без разлика дали станува збор за промена на насоката во надворешната политика или воведување царини за производи од целиот свет - речиси и да не поминува ден без да протече некоја „итна вест“ од Белата куќа.

„Без разлика на која страна сте, повеќето луѓе би потврдиле дека многу работи се случуваат“, вели за досегашната втора претседателска фаза на Трамп, Патрик Малоун, професор по јавна администрација и политика на Американскиот универзитет, во интервју за ДВ. Претседателот „од самиот почеток пука од сите оружја“.

Зад тоа стои стратегија. Со постојаното најавување на нови екстремни потези - од кои многу удираат по самите темели на американската демократија - противниците на Трамп треба да бидат парализирани, речиси „замрзнати“.

Граѓаните на САД кои се противат на новиот курс честопати и не знаат против што прво да протестираат: против целосното игнорирање на климатските промени од страна на Трамп и плановите за зголемено дупчење за нафта?

Протести против Трамп во Њујорк
Протести против Трамп во Њујорк, 19.04.2025Фотографија: Kena Betancur/AFP

Против поткопување на поделбата на власта кога владата депортира мигранти и покрај јасните наредби од федералните судови? Против ограничувањето на слободата на медиумите и мислењето кога несоодветни новинари се исфрлаат од Белата куќа, а на истражувачите и научниците, па дури и на цели универзитети, им се кратат средствата?

Втората администрација на Трамп ја дели земјата повеќе од кога било досега. Се поставува прашањето: Колку Трамп досега исполнил од она што им го вети на своите поддржувачи пред изборите во ноември 2024 година?

Ништо од мир во Украина за 24 часа

Во мај 2023 година, Трамп вети дека, доколку биде избран, веднаш ќе ја заврши војната во Украина: „Ќе го решам тоа - за 24 часа“.

Меѓутоа, војната сè уште беснее. Трамп мораше да признае дека дури ни тој не можеше толку брзо да го запре конфликтот. САД сега бараат решение без поголеми консултации со своите сојузнички партнери, а во исто време заземаат позиција поблиска до Русија отколку до Украина. Веќе во првиот разговор со рускиот претседател Владимир Путин, Трамп направи далекусежни отстапки. 

Трамп: Зеленски е подготвен да преговара за мир

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, меѓутоа, доживеа понижување во Белата куќа: Трамп и потпретседателот Џ.Д. Венс го прекорија за наводната неблагодарност. Воената помош за Украина е замрзната. Неодамна, Трамп остро го критикуваше Киев за тоа што се држи до барањето за враќање на Крим, наместо да го предаде полуостровот на Русија, заради мирот. Украинците, погодени од војната, се шокирани од пресвртот на нивниот најважен сојузник.

Западните партнери на САД се исто така загрижени. Трамп повеќепати ја доведе во прашање лојалноста на Америка кон НАТО. Тој дури изјави дека нема да ги брани членовите кои не трошат доволно за сопствена одбрана. Иако подоцна се обиде да ги ублажи тие изјави, стана јасно: европските земји повеќе не можат целосно да сметаат на својот поранешен цврст сојузник.

Трамп и депортациите

Миграциската политика беше едно од главните оружја на Трамп во кампањата. Во октомври 2024 година, тој вети дека доколку победи, ќе ја започне најголемата програма за депортација во историјата на САД. Криминалците, рече тој, „ќе бидат ставени во затвор и исфрлени од земјата што е можно побрзо“.

Во февруари 2025 година, првиот цел месец од својот мандат, администрацијата на Трамп депортираше околу 11.000 мигранти - малку помалку отколку кога под тогашниот претседател Џо Бајден, околу 12.000 беа депортирани во февруари 2021 година.

САД: Депортација поради објава на социјални мрежи?

Меѓутоа, под Трамп помалку мигранти доаѓаат преку јужната граница со Мексико, објави Ен-Би-Си њус. „Трамп дефинитивно ја отежна имиграцијата“, вели Малоун. „Некои тоа го сметаат за успех, други го сметаат за кршење на американските вредности.“

Економија - „Америка се врати“

Трамп вети дека под негово водство американската економија ќе процвета. Едно од неговите ветувања беше „да ја направи Америка повторно пристапна“ - односно да ги намали цените, меѓу другото преку намалување на трошоците за војната во Украина.

Во некои области ова навистина се случи: цените на бензинот паднаа, како и трошоците за летови и хотелско сместување, а целокупната инфлација се намали. Според податоците на агенцијата АП, „основните цени“ (без горивото и храната) во март биле за 2,8 проценти повисоки од претходната година - најмало зголемување за речиси четири години.

„Политиките на претседателот Трамп помагаат инфлацијата да се држи под контрола“, изјави за ЦНБЦ Стивен Миран, претседател на Советот на економски советници на Белата куќа. „Во комбинација со развојот на настаните во трговијата, тоа ни овозможува да кажеме: Америка се врати.“

Трамп си купи нова Тесла

Сепак, за многу Американци, купувањето во супермаркетите останува скапо како што беше на почетокот на вториот мандат на Трамп - пред три месеци. Неделната набавка за домаќинство од две лица сè уште често надминува 150 долари - дури и надвор од најскапите градови.

Царините на Трамп: исполнето ветување

Трамп вети дека ќе ги прекине „смешно отворените граници“ и ќе го запре трговскиот дефицит на САД. Тој најави воведување на царини во износ што партнерите го наплаќаат за американски производи - и го спроведе ова во април. Во многу случаи, американските царини беа дури и повисоки.

Ветувањето - исполнето. Но, последиците не се безопасни: некои производи станаа поскапи за американските потрошувачи, а односите со традиционалните трговски партнери се загрозени.

„Првите 100 дена беа како виор“

Според анкетата на Институтот Пју, Американците се покритични кон економската состојба во април отколку во февруари 2025 година: Во тоа време, 40 проценти од испитаниците верувале дека ситуацијата ќе биде подобра за една година, додека 37 проценти очекувале таа да се влоши. Во април, 36 проценти очекувале подобрување, додека 45 проценти верувале дека економската состојба ќе се влоши.

Бојкот на САД! 

Една од причините за поголема неизвесност е тоа што администрацијата на Трамп воведува и укинува царини речиси преку ноќ. Таквото колебање, вели професорот Малоун, е лошо за основниот столб на секоја добра влада: стабилноста.

„Првите 100 дена беа како виор, и не секогаш во вистинската насока“, вели тој. Администрацијата на Трамп донесува одлуки, а потоа ги повлекува. Ова не беше случај само со царините, туку и со масовните отпуштања во министерствата. Прво, илјадници луѓе беа отпуштени, но подоцна се покажа дека некои од нив - на пример во областа на авијацијата и нуклеарната безбедност - се сепак неопходни и мораа да бидат вратени на работа.

„На секоја влада ѝ се потребни доследност, предвидливост и стабилност. А ние тоа го немаме во моментов“, вели Малоун.