Пари Сен Жермен ја направи историјата – првпат стана европски шампион! На „Алијанц Арена“ во Минхен, „светците“ ги разбија Интер со неверојатни 5-0 и ја кренаа првата Лига на шампионите во својата клупска историја.
Ова е само втора континентална титула за француски клуб по славниот успех на Олимпик Марсеј од 1993 година. Луис Енрике, пак, ја потврди својата доминација со четврти трофеј сезонава и уште една тројна круна во кариерата.
Од самиот старт ПСЖ покажа кој е газда на теренот. Во 12. минута Хакими го отвори резултатот со убав гол, а само осум минути подоцна Дезире Дуе зголеми на 2-0, со удар кој го излажа голманот Зомер.
Интер немаше одговор – без идеја и без енергија, единствено Ачерби се закани по еден корнер, а Маркус Турам не успеа да ја искористи најдобрата шанса за „нераѕурите“ во првото полувреме.
ПСЖ не престана да напаѓа и по паузата. Во 65. минута Витиња го покрена нападот, а Дуе со својот втор гол направи предност на својто тим од 3-0. Потоа Кварацкелија со спектакуларна соло акција зголеми на 4-0, а во 87. минута младиот Семи Мајули ја заврши работата со фантастичен гол за историски 5-0.
Со оваа доминација, ПСЖ забележа најубедлива победа во финалињата на Лигата на шампионите, а Луис Енрике го впиша своето име во аналиите како тренерот што им донесе европска круна на „светците“.