• Зоран Мишевски

Денес официјално стартува плеј-офот на кошаркарскиот шампионат на Македонија, а меѓу фаворитите се издвојуваат скопските тимови, МЗТ Скопје и Работнички, и битолски Пелистер.
Вицешампионот од Битола минува уште една успешна сезона и со оптимизам гледа на почетокот на плеј-офот. Во клубот се свесни за растот на организациски план и големи се очекувањата и во ова разигрување. Тренерот Дарко Радуловиќ потврди дека Пелистер е на прав пат.
Тој на средбата со новинарите рече:
„Оваа година Пелистер се подигна на организациско ниво и на сите им е јасно дека во нашиот клуб добиваат сериозен конкурент по сите основи. Иако реномето не е такво и треба време да се изедначи со МЗТ Скопје и Работнички, во последните години Пелистер може да каже дека е фактор во македонската кошарка. Луѓето кои се подржувачи на овој спорт гледаат на Пелистер некој кој ќе има битен збор во блиска иднина“.
Тренерот на македонскиот вицешампион потоа зборуваше за значајот од АБА2 лигата и растот на брендот Пелистер.
„Тимовите кои се натпреваруваат во АБА2 лигата не се аспиранти за титулите во своите земји, во Србија, БиХ, Хрватска, но имаат квалитет за да играат во оваа лига. Прво, носи квалитет во однос на брендот и многу играчи оваа лига ги тера да дојдат во овие клубови. Пелистер ќе расте како бренд доколку постојано е присутен во АБА лигата, Оваа година за еден натпревар не влеговме во плеј-офот, но оваа сезона АБА2 лигата беше убедливо најсилна од сите изданија. Жалиме што не успеавме да се пласираме меѓу осумте најдобри, но задоволни сме што прикажавме и како ги браневме боите на сопствената екипа и на градот“, рече Радуловиќ.
Серијата од полуфиналето против Еуро Никел 2005 почнува в сабота од 19:00 часот во Битола.