„Support Kocani“ обезбеди 4070 силиконски лепенки Atrauman Silicone – пристигнати во Кочани, наскоро ќе бидат донирани на Општата болница
Граѓанската иницијатива Support Kocani со голема благодарност информира дека во Кочани пристигнаа 407 кутии со силиконски лепенки Atrauman Silicone, со вкупно 4070 лепенки, како дел од континуираната хуманитарна помош за повредените од трагичниот настан.
Овие медицински лепенки, во кои секоја кутија содржи 10 парчиња, се специјално наменети за третман на изгореници и чувствителни повреди на кожа. Тие претставуваат донација од хумани сограѓани и компании кои живеат и работат во Словенија, кои великодушно се приклучија на нашата мисија за помош.
Лепенките наскоро ќе бидат донирани на Општата болница во Кочани, во координација со здравствените служби и потребите на пациентите. Дополнително, Support Kocani очекува нови пратки со медицински материјали и од други земји, меѓу кои Австралија и Данска, каде македонски иселеници и пријатели на Кочани активно се вклучуваат со поддршка.
„Оваа донација е уште еден потсетник дека вистинската поддршка понекогаш доаѓа таму каде што најмалку ја очекуваме - од срцата на обичните луѓе, преку граници и без големи зборови.” - велат од иницијативата.
Support Kocani и натаму останува целосно посветена на транспарентна, брза и ефикасна поддршка за сите на кои им е најпотребна.