Теа Таировиќ денес, по две години врска, треба да го изговори судбоносното „да“ на својот избраник и соработник Иван, и тоа во нејзиниот роден Нови Сад.
Како што е планирано, свадбата ќе се одржи далеку од очите на јавноста, во интимна атмосфера. На веселбата ќе присуствуваат само најблиските членови од семејството, пријатели и неколку колеги од естрадата.
Меѓу гостите се и пејачките Сања Вучиќ и Барбара Бобак, кои се во одлични односи со Теа. Сите детали од церемонијата се чуваат во строга тајност, а Теа побарала од блиските да не споделуваат никакви информации за венчавката.
Како што пренесуваат медиумите, Теа ангажирала свадбена агенција и им ги соопштила своите желби, бидејќи не сака да се заморува дополнително, имајќи предвид дека ја очекува напорна летна турнеја и мора целосно да се посвети на професионалните обврски.
Пејачката уште пред три месеци решила каква венчаница ќе носи на својот најсреќен ден, а според добро упатени извори, многу ѝ се допаднала венчаницата што ја носела Ким Кардашијан кога се мажеше за Канје Вест. Наводно, Теа веднаш стапила во контакт со француски дизајнери за да ѝ сошијат слична венчаница. Единствено сакала велот да биде поинаков – самата го нацртала дизајнот, кој потоа го изработиле креаторите што ја шијат и венчаницата.
Се шпекулира дека целата свадба ќе ја чини околу 100.000 евра, а само за венчаницата која доаѓа од Париз, ќе плати околу 18.000 евра.
Теа планира и да му се заколне на Иван на вечна љубов и пред Бог во наредниот период, а како можна локација се споменува познат манастир на Фрушка Гора. Но, деталите за тоа сè уште се чуваат во тајност.
Да потсетиме, пејачката долго ја криела врската со Иван, кого прво го ангажирала како личен телохранител. Веднаш меѓу нив се појавиле искри, а нејзиниот иден сопруг е постојано покрај неа и ѝ е голема поддршка. Теа е убедена дека Иван е љубовта на нејзиниот живот, а доказ за тоа е и идентичниот прстен што двајцата го носат веќе подолго време. На секој прстен е изгравиран крст, а вљубените го носат како симбол на верност, љубов и почитување.
Просторот каде што ќе се одржи свадбата ќе биде уреден во „боите на луксузот и елеганцијата“. Салата во која многумина одлучуваат да ги разменат своите завети во филмска атмосфера на отворено, се смета за една од најелегантните и најлуксузни локации во Нови Сад – што и не е чудно, со оглед на тоа што Теа е родум од овој град.
„Ретко зборувам за својот приватен живот, но некои работи очигледно не можат да се скријат. А кога се убави – можеби и не треба да се кријат (се смее)! Најважно е што се чувствувам прекрасно, исполнето и среќно! Нека остане така и тогаш сум комплетна и остварена личност во секоја смисла“, изјавила Теа за Пинк по повод претстојната венчавка.