понеделник, 7 јули 2025

Преспанскиот договор седум години е реалност, но и понатаму е нелегален

Седум години по „гламурозниот момент“ на возење со глисери по Преспанското Езеро на тогашната македонска, грчка, па и европска, дури светска политичка елита, што требаше да ги одрази среќата и успехот од решавање на еден ирационален соседски спор ( едниот сосед му го оспорува името на другиот), во Македонија и понатаму е присутна дилемата – дали тој 17 јуни заслужува „историска димензија“, или едноставно треба да биде заборавен.

Објавено на

часот

Сподели

По тој 17 јуни 2018 година, денот на потпишувањето на Преспанскиот договор, со менувањето на историското име на државата, на Македонија требаше да ѝ се отворат сите порти, врати и капиџици на европската иднина. Според тие ветувања за иднината, што денеска се веќе седумгодишно минато, Македонија со географска одредница во името, денес веќе требаше да биде барем две години членка на Европската Унија. Сегашната состојба на евроинтеграциите на Македонија, со уште непочнати преговори со Унијата, дури и без детално навлегување во моментите на (не)исполнување на договорот од македонска или грчка страна, сосема јасно говори за дебаклот на сè она што би требало да му даде историска димензија на тој 17 јуни од 2018 година.

Наместо израз на европската принципиелност и вредности, почитување на меѓународното право, дипломатско визионерство; Преспанскиот договор ( не само за Македонија) во овие седум години се покажа како „инспирација“ за нови трикови за билатерално уценување во процесот на проширување на Европската Унија. Во секој случај, Преспанскиот договор беше мотивот и аргументот на Бугарија да ги активира своите историски комплекси како уцени за Македонија на патот кон ЕУ.

Покрај сите непринципиелности и цивилизациски спорни услови што Преспанскиот договор ѝ ги наметна на Македонија ( менување на името на државата, со сериозни импликации за оспорување на националниот идентитет и  обележја на Македонците како народ), како најголема придобивка во овие седум години, секогаш се истакнува моментот на членството на земјата во НАТО, па дури и тоа што заменичката генерален секретар на Алијансата, Радмила Шекеринска е од Македонија. Но при секое премерување на придобивките и штетите од Преспанскиот договор за Македонија, „кантарот на правдата“ не може да профункционира поради спорната легалност во неговата основа.

„За воопшто да може се говори за придобивките и ефектите од еден договор, треба прво да се види неговата заснованост и поставеност во законска и уставна смисла. Меѓутоа, да се говори за придобивките или штетите од Преспанскиот договор, т.е. Договорот од Нивици и после седум години е апсурдно, затоа што овој договор во правна и легислативна смисла е ништожен, бидејќи не исполнува повеќе услови за да ја стекне и да ја има својата легитимност и законитост“, вели универзитетскиот професор, филозофот Љубомир Цуцуловски.

За спорните легитимитет и легалност на Преспанскиот договор, професорот Цуцуловски наведува само три базични аргументи, но истакнува дека ништожноста на договорот не запира на нив.

„Помеѓу сите неисполнети услови, да почнеме со тоа дека овој договор не е потпишан од претседателот на државата, како што предвидува Уставот. Потоа се надоврзува вториот спорен момент: кој го овласти министерот за надворешни работи да потпишува таков договор, бидејќи вообичаено тоа го прават политичари на повисоки нивоа, или ги овластуваат политичарите од понизок ранг, во случајов министерот за надворешни работи. Но, во формална смисла, за потпишување на Договорот од Нивици, такво овластување нема, па и според тоа договорот е ништожен во правна смисла. Третиот спорен момент е прифаќањето на овој договор од Собранието. ‘Генезата’ на нелегалноста досега до проблематичноста на конституирањето на Собранието што го прифати, т.е. изгласа овој т.н. Преспански договор, притоа мислам на начинот и спорната процедура на конституирање на тој собраниски состав, на 27 април 2017 година. Дури и да не се случеше она гласање за почеток на процедурата за прифаќање на Договорот од Нивици, со сомнежи за корупција на осумтемина пратеници во Собранието, претходните три моменти ја оспоруваат неговата легалност“, аргументира Цуцуловски.

Во однос на легалните можности и политичкиот опортунизам за раскинување на Преспанскиот договор, професорот Цуцуловски смета дека натежнува моментот на опортунизам, односно дека сите политички фактори, (некогаш и сегашна) опозиција и власт се однесуваат кон договорот како да е легален, само поради фактот што постои.

„Дури и со само еден аргумент за неговата нелегалност, Договорот од Нивици може да биде раскинат.  Меѓутоа, седум години подоцна, сите политички фактори во Македонија, се однесуваат спрема овој договор како да е легален, односно – велат: факт е дека постои. Но, да направиме една парабола: кога ќе се случи некој криминален настан, кражба или убиство – факт, реалност, стварност е дека се случил настанот. Но тоа не значи дека стореното е легално!“, поентира професорот Цуцуловски.

Универзитетската професорка Билјана Ванковска, уште од првите знаци на политичко дејствување за создавање на Преспанскиот договор, беше активен поборник тој да не се случи. Во контекст на „премерувањето“ на придобивките и штетите од овој договор, професорката Ванковска,  и денес е на позицијата дека  „ го трампавме уставниот суверенитет, идентитетот, па дури и АСНОМ за влез во воена алијанса“. За негово евентуално раскинување смета дека решението е во „политичка волја, интегритет и знаење на меѓународното право (Виенската конвенција)“.

„Седум години подоцна, стојам на позициите на преку 200-те интелектуалци (меѓу кои и денешната претседателка), кои уште во февруари 2018 предупредуваа да не се потклекне пред притисокот на Западот и Атина. Сѐ што кажавме излезе вистина: го трампавме уставниот суверенитет, идентитетот, па дури и АСНОМ за влез во воена алијанса. Наместо “тапија за државност” станавме колонија, која е сега предмет на уште подрска уцена од Софија и ЕУ. Наместо “европско бесплатно здравство” издвојуваме повеќе буџетски средства за војување. Лично никогаш нема да го заборавам тој протест и сите што следуваа, но добар дел од граѓаните се помирија со судбината. Политичарите покажаа дека ниту знаат нешто за дипломатија, ниту се патриоти. Во претседателската кампања во 2019, Силјановска ветуваше врвен тим на професори по меѓународно право како консултанти за оспорување и напуштање на Предпанскиот договор. Едниот од тие луѓе денес има 94 години, а другиот почина. Претседателката ја заборави идејата, ако воопшто и ја имала. Жално е да се гледа на што се сведе државата и колку е кроток и лесен за лажење нашиот народ. Решението е во политичка волја, интегритет и знаење на меѓународното право (Виенската конвенција). Но кај политичката каста нема да најдете ниту еден од трите услови“, вели професората Билјана Ванковска.

Јасминка Павловска

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ